Масовно апсење полицајци во Турција
22 јули 2014Турските медиуми објавија извештаи за акција на територијата на целата земја, во која се уапсени 55 високи по ранг полициски службеници. Како што јавуваат радио станици и агенциии, тие во рамките на истрагата против противниците на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, се осомничени за корупција и злоупотреба на службената положба. Наводно тие, под параванот на борба против тероризмот, незаконски прслушувале членови на владата и самиот премиер Ердоган. Акцијата се толкува како удар против движењето на исламскиот проповедник и ривал на Ердоган, Фетулах Ѓулен.
Заднината е борбата за превласт меѓу ердогановата исламистичко-конзервативна Партија за правда и развој, АКП и движењето на Ѓулен, кој живее во егзил, а има свои бројни приврзаници, првенствено во судството и полицијата. Поради наводна завера против него и неговата влада, Ердоган кон крајот на минатата година нареди масовно принудно преместување на полициски службеници, судии и државни обвинители.
Акцијата следеше откако истанбулските државни обвинители во декември наредија апсење на бројни политичари и бизнисмени од најблиското опкружување на Ердоган и владата. Тие беа обвинети за вмешаност во широко разгранет корупциски скандал: меѓу другото, за учество во бизниси со злато со Иран, поткуп и издавање незаконски градежни дозволи. Последица на скандалот беше реконструкцијана турската влада.