Мас: Да го исполниме ветувањето кон С. Македонија и Албанија
8 јуни 2021Мораме да го исполниме ветувањето за почеток на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, порача денеска пред неговите колеги од земјите од Западниот Балкан, шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Германскиот министер рече дека го разбира разочарувањето во регионот поради малиот напредок во изминатата година и се заложи за „повторно придвижување на процесот на проширување“.
„Иднината на сите шест држави од Западниот Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на Европската унија“, рече Мас.
Мас притоа побара од земјите во регионот да го зајакнат владеењето на правото, да ја засилат борбата против корупцијата и организираниот криминал, да ја заштитат слободата на медиумите и да создадат простор во кој демократијата ќе може да се развива.
Таквите реформи, според Мас, ќе привлечат повеќе странски инвеститори, ќе отворат перспективи за младите луѓе со што ќе запре и иселувањето на квалификувани кадри од регионот.
„Но од друга страна, и ЕУ мора да си ги исполни ветувањата“, рече Мас наведувајќи ги Северна Македонија и Албанија како примери за тие неисполнети ветувања.
„Северна Македонија и Албанија остварија постојан напредок во судските реформи и во борбата против организираниот криминал и корупција. Со Договорот од Преспа, Скопје и Атина демонстрираа историско политичко лидерство.
Затоа, Мас бара веднаш да започнат преговорите со С. Македонија и Албанија и притоа му заблагодари на португалското претседателство со ЕУ кое ја држи оваа тема високо на агендата. Шефот на германската дипломатија притоа порачува дека за билатералните спорови не треба да има место на агендата.
„Сите знаеме дека внатрешната политика може да го ограничи опсегот на надворешната политика. И разбираме дека прашањата од историјата и идентитетот се деликатни. Но, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување“, рече Мас.
На виртуелниот состанок кој е дел од подготовките за самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, Мас најави дека по вакцините, регионот ќе добие и дополнителна медицинска и економска помош.
Берлинскиот процес, како иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, започна во 2014 година и оттогаш донесе повеќе проекти за соработка во регионот. Укинувањето на роамингот во регионот треба да стапи во сила од следниот месец, а државите договорија и формирање заеднички пазар.