Марш за 11-ти Октомври: Борбата продолжува
11 октомври 2016Улиците на Скопје попладнево ги наполнија илјадници граѓани кои беа дел од маршот организиран од опозициската СДСМ и повеќе граѓански здруженија и јавни личности.
Маршот во знак на поддршка за институцијата, започна пред новите простории на Специјалното обвинителство и потоа преку булеварот „Партизански одреди“ се упати кон Собранието.
Се вееја голем број македонски знамиња, како и неколку албански и ромски, и се скандираше „Слобода, слобода“ и „Шутка не ти бега Никола“.
Колоната граѓани ја предводеше лидерот на СДСМ, Зоран Заев на кого му се придружи и разузнавачот Зоран Верушевски, како и бројни политичари од опозицијата, активисти од граѓанскиот сектор и јавни личности меѓу кои и Ирена Ристиќ, Бени Шакири, Томче Кежаровски, Влатко Васиљ, Атанас Костовски и други.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев од говорницата пред Собранието порача дека овој граѓански марш покажува дека граѓаните склучиле сојуз и сакаат државата да се врати во нивните раце.
„Ние граѓаните склучивме сојуз, поединци, групи, граѓански здруженија, шарени, леви партии, Македонци, Албанци, Турци, Срби. Роми, Бошњаци, ние граѓаните на Македонија го кренавме нашиот глас. Се излеавме илјадници, на денот на народното востание, на денот на народната борба, марширавме во чест на скопскиот, прилепскиот, битолскиот, кичевскиот партизански одред. Нашето оружје е нашиот глас. Се бориме и ќе се избориме за слобода, правда, правичност и еднаквост. Дојде време да и дадеме ветување на Македонија“, порача Заев.
Тој рече дека денешниот марш е предвесник на промените во Македонија и токму затоа се одржува на 11 октомври – празникот кој е симбол на борбата за слобода.
„Буџетот после декември ќе се полни од парите на граѓаните кои се украдени и однесени во рајските земји. Ќе вратиме до денар, сѐ што украдоа“, рече Заев и побара од граѓаните да му се придружат во борбата за граѓанска Македонија.
Борба на генерации
Борецот во НОБ, Ѓорѓи Ѓорѓиевски од говорницата порача дека борците се среќни што конечно на масовен начин се одбележува празникот на Денот на слободата.
„Мојата генерација се бореше против окупаторите кои сакаа да ни го поништат нашиот идентитет, традициите на непоколебливата ослободителна борба на овој народ. Ние им кажавме дека нашата борба е вечна и нескршлива. Нашите први партизански одреди ги носеа имињата на големите борци Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и во нив се бореа сите кои живеат на оваа територија - Македонци, деца борци од Егејска Македонија, Македонци Маџари, Албанци, Турци, Евреи, Роми, Срби, Црногорци и Власи. Мешани, различни, шарени, исто како луѓето сега што сте тука. Слободата и демократијата, за кои се боревме ние уште не се остварени, а борбата не е завршена.Државата денес ја заборава својата славна анти-фашистичка народно-ослободителна борба, ги заборава своите вистински борци и херои, а се слават и луѓе кои се со сомнителен придонес за борбата за слободата за Македонија“, рече Ѓорѓиевски.
Генерациски манифест
Пред Собранието актерките Сања Арсовска, Ирена Ристиќ и активистката Луљета Адеми прочитаа нов Манифест за кој порачаа дека има за цел да ја продолжи битката за слобода.
„Ова е манифест на нашата генерација. На нашиот марш денеска во Скопје, кој симболично течеше по булеварот „Партизански одреди“, а заврши овде пред Собрание, каде ќе заврши овој и секој следен режим кој ќе се дрзне да ја ограничи слободата на граѓанинот на Македонија“, рече актерката Сања Арсовска.
„Граѓанки и граѓани, се работи за судбината на нашата земја. Бие последниот час, ве викаме вас синови и ќерки на оваа земја, граѓани на Македонија да се сплотите во борбените редови на нашата народно-ослободителна војска на Македонија со гласот како оружје. Ве викаме со небројни сили и со убави мисли за нашата иднина, да удриме со нашиот глас по сите непријатели, на нашата слобода и независност. Ве викаме и вас стари народноослободителни борци и нивни поколенија, горди на жртвите на своите предци, да стапите во редовите на нашата граѓанска слободољубна армија“, гласи дел од Манифестот кој го прочита актерката Ирена Ристиќ.
Говор одржа и студентката Ивана Туфегџиќ која рече дека сака да живее во држава во која слободата и демократијата се правила.
„Сакам да живеам во држава која ми дава шанса да успеам, каде прославите се за прослава на успесите наместо за разделби. Во држава во која никој нема да ме етиктеира заради јавно искажан став“, додаде таа.
Граѓанскиот активист Васко Лазаревски порача дека „во Македонија не смее луѓе да умираат затоа што се сиромашни“. „Не смее да царуваат националисти кои сакаат да не поделат по сите основи, мора да дојдат на власт граѓаните на Македонија“, рече тој.
Дел од граѓаните кои присуствуваа на маршот велат дека излегле на улица за да покажат поддршка на борбата за слобода.
„Ова е ден на кој македонската држава стана држава и сите ние идни генерации треба да бидеме свесни дека државата не е поклон. Таа е нешто што треба да се чува и брани и во секој момент, секој од нас треба да придонесе, ако сакаме да ја имаме. Никогаш полошо не било. Нема живот, нема среќа, нема воздух. Самото тоа што девет од десет млади сакаат да си одат од земјава, кажува како ни оди“, вели Дарио, еден од граѓаните на маршот за Дојче веле.Избори се ближат, вработувања се нижат