Малку надеж кај населението во Газа
10 ноември 2014Пред неколку недели прашливите улици и разурнатите куќи во Шејахија беа изложени на горештините. Сега првите големи дождови претворија сѐ во кал. Самир Хасанеин е очаен. „Целосно сме мокри. Господе што треба да правиме?“, прашува тој, додавајќи: „Зима е, не можеме и натаму да останеме во шатор“.
Повеќе од 100.000 луѓе се без покрив над главата и по два месеца од привремениот крај на војната во Газа. Многу од погодените семејства кампуваат и натаму во училници во училиштата на ОН. На некои им се доделени контејнери, како на Јусед Ал Најар во Кан Јунис на југот на Појасот Газа. „Не само дождовната вода, туку и отпадните води влегуваат во нашиот контејнер“, вели тој. „Сѐ што имаме е мокро, не можеме ниту да седнеме“.
Во Појасот Газа, на источниот раб на Средоземното Море, снегот и мразот не ги мачат луѓето, туку дождовите. Во Куза луѓето се движат низ валкана вода до колена, на многу места канализацијата е погодена од бомби, а пумпите за отпадните води не функционираат без струја. И единствената електрична централа, која по израелското бомбардирање повторно почна да работи, во моментов не испорачува струја оти нема гориво.
Нема брза обнова
Згора на ваквата ситуација нема ниту изгледи за вистинско подобрување. „Кога дојде до прекин на огнот на крајот на август, жителите во Појасот Газа мислеа дека по осум години веќе нема да бидат затворени, дека ќе се отворат граничните премини, дека ќе се внесе стока и градежен материјал“, вели палестинскиот економист Махер ал-Таба. „Но, по извесен период повторно се прошири песимизмот, тие се и натаму затворени и доаѓа само малку градежен материјал“.
Ако и натаму преку Израел доаѓа толку малку градежен материјал како досега, обновата би траела десет години, сметаат набљудувачи како Таба. Во моментов ништо не доаѓа преку граничниот премин Керем Шалом. Израелската влада во петокот (31.10) ги затвори сите премини. Тоа е реакција на стрелбата од територијата на Палестинците. Израелската армија меѓутоа не може да каже што било тоа, дали ракета или само граната од минофрлач. Израел дури во вторникот (04.11) повторно ги отвори премините.
Единствениот пат кон надвор, преку египетскиот граничен премин Рафах, исто така повторно е затворен - по терористичкиот напад врз египетски војници на полуостровот Синај.
Важна болница не може да ги плати сметките
За Палестинците нема да биде полесно, особено не во најважната болница во градот Газа. На болницата Ал Шифа веќе не и‘ се испорачуваат прехранбени производи за пациентите. Клиниката не може да плати сметки во висина од 170.000 евра.
Во областите разурнати од бомбите расте очајот кај луѓето, оти доаѓаат нови дождови и ќе биде постудено. „Налето овде не може да се издржи“, вели Хусни Шукар. „Но, во лето можам да спијам под дрво. Сега тоа веќе не може“, дополнува тој. Како и другите жители во Газа и тој слушнал за милијардите кои Американците, Европејците и арапските држави ги ветиле за обновата. Но, сѐ додека вооружените палестински групации и Израел не склучат траен прекин на огнот, тоа нема ништо да донесе.