Малики се откажа од инсистирањето да остане премиер
15 август 2014„Пред вас денеска објавувам дека се повлекувам од мојата кандидатура во корист на братот д-р Хајдар ал-Абади“, рече Малики во телевизиското обраќање. Малики нагласи дека ваквата одлука ја донел поради неговата желба да ги заштити виталните интереси на земјата, како и дека не сака да биде причина за крвопролевање.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја поздрави одлуката на ирачкиот премиер да се повлече од намерата и да му го отстапи местото на неговиот наследник.
„Тој (Бан, н.з.) со нетрпение го очекува формирањето на инклузивна, широка владина коалиција“, стои во изјавата од кабинетот на генералниот секретар на ОН.
И Белата куќа ја поздрави одлуката на Малики.
„Денеска Ирачаните преземаат друг голем чекор во насока на обединување на нивната земја“, порача државната советничка Сузан Рајс. Таа рече дека американската влада, која одамна го загуби трпението со Малики, слушнала од повеќе лидери во Ирак дека Абади ја има нивната поддршка. „Постои охрабрувачки развој на настаните со што се надеваме дека Ирак ќе се постави на нов пат и ќе го обедини својот народ против заканата од ’Исламската држава’“, рече Рајс.
Во охрабрувачкиот развој се вбројува и она што го изјави американскиот претседател Барак Обама. Тој објави дека опсадата на планината Синџар е разбиена.
„Им помогнавме на загрозените луѓе да стигнат до засолништата и да се спасат многу невини животи“, посочи Обама. Тој додаде дека САД ќе продолжат со воздушните напади за да се зачуваат американските објекти во Ирак. Претседателот на САД апелираше до Ирачаните да се обединат и да ги поразат исламистите.
Сепак, се проценува дека на планината Синџар се останати уште околу околу 4.500 луѓе, од кои половината се староседелци кои не сакаат да заминат. САД и Велика Британија последните денови од воздух доставија помош за илјадници. Германската хуманитарна помош во вид на прехранбени производи и санитетски материјал веќе е на пат кон Ирак.