Малик: „Целта ни е нула сиромаштија“
25 јули 2014Дојче веле: Кој е најголемиот предизвик за развој на сиромашните земји во контекст на овогодишниот извештај?
Калид Малик: „Сметам дека основните предизвици на развојот во ова време се подобрувањето на животите на луѓето и она што го забележуваме во последните неколку години – забавувањето на прогресот во развојот на човештвото. Во извештајот во 2013, значи во претходниот извештај, зборувавме за тоа дека 40 земји прават се’ подобро од очекуваното во последната деценија и дека работите изгледаат многу подобро. Но, Во последниве неколку години забележуваме дека тоа почнува да се забавува. Постои чувство на несигурност и има поголема неизвесност. Овогодишниот извештај е за ранливоста и отпорот и се оди во многу повеќе детали во разбирањето на овие прашања. Не само да се има напредок во човековиот развој, туку и да се зголемат изборите и да се осигура дека тие се безбедни“.
Дојче веле: Кои луѓе се најранливи?
Калид Малик: „Традиционално, ранливоста е во врска со специфични ризици, како катастрофи и конфликти. Ние се обидовме да направиме подлабински пристап, да ги разбереме основните двигатели кои доведуваат до ранливост, и како поединците и општеството можат да станат поотпорни. Зошто некои луѓе или општества се поотпорни во однос на други, иако тие се соочуваат со истите ризици?“
Дојче веле: Тогаш, зошто се?
Калид Малик: „Развивме две основни мислења. Едното е дека ранливоста на луѓето е под влијание на можностите за здравствена заштита и образование. Ако сте подобро образовани, побогати, тогаш можете подобро да се справите со ризикот. И контекстот на условите за живот, на социјалниот контекст, на позицијата во која сте – дали сте малцинство во земјата, сето тоа е значајно. Другиот значаен предуслов за неуспехот да се заштитат луѓето од ранливоста често е последица на оскудните политики и социјални институции. Земете го примерот на сиромашните. Имаме нова бројка – 1,5 милијарди луѓе ширум светот живеат во мултидимензионална сиромаштија. Други 800 милиони луѓе живеат над прагот на сиромаштија. Ако добијат дополнителен шок, овие луѓе повторно ќе бидат втурнати во сиромаштија. Во моментов, во 80 проценти од светот има недостиг на социјална заштита, 12 проценти од луѓето во светот страдаат од хроничен глад, а речиси половина од сите работници се во неформална или несигурна работа. Значи, реалноста е дека многу луѓе се ранливи. Има многу луѓе кои првично не би помислиле дека се ранливи“.
Дојче веле: Една од работите што ја промовира извештајот е социјалната заштита. Во моментов само 20 проценти од сите луѓе во светот имаат некаква форма на социјална заштита. Дали сиромашните земји се премногу сиромашни за да платат за основните социјални услуги или за заштита?
Калид Малик: „Ние тврдиме дека универзален пристап до социјалните услуги е можен за повеќето земји, ако не и за сите земји. Буџетските прашања не се толку значајни. Потребно е време да се изградат социјаните услуги, но за благодетот од нив е потребно подолго време од што се очекува. Ние всушност разоткриваме дека не треба да се биде богат пред да може да се финансираат универзалните социјални услуги“.
Дојче веле: Колку пари се потребни за да се воведе минимална социјална заштита?
Калид Малик: „Зависи што ќе ставите внатре. За најниската социјална заштита се проценува дека ви требаат од три до пет проценти од БДП. Во 12 земји со ниски приходи во овој пакет се основните социјални трансфери и услуги, здравствената заштита, соновното образование, пензиите, заштитата од невработеност и детскиот додаток. Се зборува за три до пет проценти од БДП во случај на земји со ниски приходи. Така што ова е можно. Придобивките се големи, оти ова води кон поголем просперитет. Ова секако не зависи од нивото на буџетот, туку од тоа што правите со него“.
Дојче веле: Актуелниот извештај посочува дека е време меѓународната заедница да се посвети на универзалните јавни услуги и да направи намалувањето на ранливоста да биде приориет во меѓународни рамки.
Калид Малик: „Сметам дека има зголемен стремеж за нула сиромаштија. Но, она што ние го велиме е дека не е можно само да има нула сиромаштија, таа мора да остане нула. Ние не дозволуваме работите да се вратат назад. Извештајот укажува дека прашањата за социјална заштита и работните места треба да станат централни прашања во начинот на кој гледаме на овие работи. Може одредени работи да се прават на национално ниво, ама е потребен прогрес и на глобално ниво за овие работи всушност да профункционираат“.
Калид Малик во 2011 година беше првиот назначен директор на развојната програма на ОН „Извештај за развојот на човештвото“. Тој е роден во Пакистан, а економски науки има студирано во татковината и во Велика Британија. Тој има долгогодишна кариера во ОН.