Малезиски државјани „заложници“ на Северна
7 март 2017Малезиски претставници денеска соопштија дека севернокорејските дипломати се спречени да ја напуштат Малезија бидејќи Пјонгјанг „манипулира“ со случајот со убиството на полубратот на лидерот на Северна Кореја, Ком Јонг Ун.
Малезискиот премиер Наџиб Разак изјави дека државјаните на Малезија се „заложници“ на Северна Кореја и оти Пјонгјанг со забраната за нивно напуштање на земјата ги „прекршува меѓународните закони и дипломатските норми“.
Малезија му забрани на персоналот на амбасадата на Северна Кореја да ја напушти земјата, набргу откако Пјонгјанг ги спречи малезиските дипломати да ја напуштат земјата. Односите меѓу двете земји се нарушени откако на 13 февруари во Куала Лумпур со нервен гас беше нападнат и убиен, Ким Јонг Нам, полубратот на Ким Јонг Ун.
Потпретседателот на малезиската влада Ахмад Захид Хамид изјави дека Малезија не сакала да се одмаздува но додаде : „Кога сме соочени со земја која ги прекршува меѓународните дипломатски норми и етика, тогаш немаме избор“.
Тој истакна дека Малезија е принудена да реагира бидејќи Северна Кореја „манипулира со она што се нарекува случај на убиство“.
Претходно Пјонгјанг соопшти деќа ќе им забрани на малезиските државјани да ја напуштат Северна Кореја. Севернокорејските државни медиуми денеска пренесоа дека министерството за надворешни работи ја известило амбасадата на Малезија за таквата одлука, наведувајќи дека забраната ќе важи додека не постои гаранција за безбедноста на државјаните на Северна Кореја.
Официјално не е познато колку малезиски граѓани престојуваат во Северна Кореја. Светските новински агенции наведуваат дека според некои податоци во најзатворената земја во светот во моментов престојуваат 11 малезиски државјани.
Северна Кореја вчера (06.03.) објави дека на малезискиот амбасадор му наредила да ја напушти земјата, како одговор на одлуката на Малезија да ги протера дипломатите на Северна Кореја поради сомневањата за вклученост во убиството на Ким Јонг Нам на аеродромот во Куала Лумпур.