Макрон е спремен да патува во Москва, под одредени услови
17 јуни 2022„Мислам дека патување во Русија би било можно доколку се исполнети одредени предуслови, односно гестови на претседателот Путин, инаку не би патувал таму туку-така“, изјави францускиот претседател синоќа за телевизијата ТФ1 во Киев.
Макрон е спремен да разговара со Путин заради наоѓање решенија околу хуманитарни прашања, заштита на заробениците или обезбедувањето на храна . „Значи, тоа не го исклучувам, но би го направил само со запазување целосна транспарентност кон украинскиот претседател и само тогаш кога има смисол“.
На прашањето за евентуални украински територијални отстапки кон Русија, Макрон беше дециден – тоа мора да го реши самата Украина. „Сметам дека денес наша обврска е да застанеме на страната на нашите вредности, на меѓународното право и со тоа на страната на Украина. На Украина мора да ѝ се помогне за да опстане. Но, не е наша задача наместо Украина да носиме одлуки и да поставуваме услови за завршување на војната. Инаку, било кога, мора да дојде или до воена победа или до започнување мировни преговори“, истакна Макрон. Притоа, одлуките поврзани со територијата се во надлежност на украинското раководство, исто како и прашањето дали ќе бидат направени евентуални отстапки кон Русија или не.
Францускиот претседател вчера (16.06.2022), заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис, се сретна и водеше разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.