1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците „не се важни“ во Босна и Херцеговина

9 септември 2009

На 8-ми септември, Македонија и Македонците прославија осумнаесет години од независноста. Македонското малцинство во Босна и Херцеговина немаше можност овој чин да го одбележи на достоинствен начин.

https://p.dw.com/p/JXjN
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

„Причината за ова е економската криза, но и односот на босанските власти кон македонското малцинство“, вели Васка Ибрахимагиќ, секретарка на Здружението на граѓаните со македонско потекло и членка на Собранието на националните малцинства при Парламентот во Босна и Херцеговина. Таа истакнува дека Македонците во Сараево немаат простории, каде би можеле да се собираат и работат.

„Одевме по општините во Нови Град, Центар, Сараево и баравме просторија. Но, градоначалникот на Сараево тогаш ни кажа буквално со овие зборови: вашето здружение не ни е важно. Јас му реков, а важно беше тоа што Македонија ширум им ги отвори вратите на босанските бегалци. И ден-денес во Македонија има околу седумнаесет илјади Босанци, кои се уставна категорија во Македонија“, вели Васка.

Таа напоменува дека на здружението на Македонците во Бања Лука му е многу полесно да работи. „Кога нешто ќе им затреба, тие знаат кај кое министерство треба да се обратат. А каде и кому да му се обратиме ние? На општината, на федерацијата, на кантонските власти... Тоа е катастрофа“, се жали Васка.

Во здружението тврдат дека во овој момент не е можно да се утврди точниот број припадници на македонското малцинство во Босна и Херцеговина, но сигурно е дека има се` помалку млади. Токму поради недостатокот од простор, македонските деца во Сараево не можат да посетуваат настава на мајчиниот јазик, вели Васка. „Имаме четиринаесет ученици, но тие немаат каде да посетуваат настава на македонски. Ќе го изгубат идентитетот ако не учат на мајчиниот јазик“, предупредува таа.

Не можеме сите да се викаме „Хасан“

Minderheiten in Bosnien-Herzegowina: Mazedonier
Христофор живее и работи веќе 55 години во БиХФотографија: DW/Samir Huseinovic

Занаетчијата Христифор Силјановиќ е еден од познатите Македонци во Сарево, а во овој град живее и работи веќе 55 години. „Цела војна ја поминав тука и драго ми е што можев да помогнам. Повеќе разговараа со нас за време на војната, отколку потоа. По војната нерадо не` примаат“, се жали Христофор и вели - не можеме сите да бидеме исти. „Многу луѓе од страна дојдоа во Сарево и многу страдаа. Би сакал да не се случеа сите тие злостори, но се случија. На некои, не на сите, им смета моето име, Христофор. Ама не можеме сите да се викаме Хасан“, вели Христофор Силјановиќ.

На примерот со син му укажува и на проблемите со кои се соочуваат младите Македонци: „Тука е роден, заврши училиште, специјализираше, но никој не сака да го прими на работа. Примаат Арапи, а мојот син, кој е роден овде и е православен Босанец - никој не сака да го прими“, тврди Христофор.

Македонците во Сараево, како и сите други од уставната категорија „останати“ уште чекаат на формирање Собрание на националните малцинства на ниво на федерацијата Босна и Херцеговина. Тие ја прифаќаат оваа земја како своја држава. Таму живеат, работат, плаќаат даноци, но таа не им возвраќа со потребното внимание, пропишано и со уставот.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска