1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Албанија бараат итни корекции на Енциклопедискиот речник

8 октомври 2009

Партијата на Македонците кои живеат во Албанија, усвои декларација со која од Академијата на науките на Албанија се бара во енциклопедискиот речник под итно да се корегираат невистините за македонското малицинство.

https://p.dw.com/p/K1lF
ТиранаФотографија: Mimoza Dhima

Македонското малцинство во Албанија се чувствува длабоко навредено од изнесеното во новиот албански енцикопедиски речник и бара под итно тие невистини да се корегираат од страна на Албанската академија на науките, стои во Декларацијата усвоена од Извршниот комитет на партијата на Макеоднците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција. Според претседателот на партијата Едмонд Темелко, во енциклопедискиот речник постојат неколку невистини за Македонците, кои во овој документ се нарекуваат „славомакедонци“ и оти се врши дискриминација по принципот на комунистички режим на Енвер Хоџа.

„Ние Македонците општо сме наречени „славомакедонци“ и тоа го сметаме за голема навреда што е на штета на нашиот идентитет, бидејќи нашиот идентитет е без никакви придавки и додавки, ние сме Македонци и државата се вика Македонија. Реагиравме и за областа Голо Брдо која се споменува само географски, а не се наведува дека таму живее македонско население. Единствено тоа се споменува во областа Преспа, додека областа Гора воопшто не се споменува како да не постои на картата на Албанија“, вели Темелко.

Ако не се реагира, со проблемот ќе бидат запознати меѓународните претставници во Албанија

Декларацијата е испратена до Академијата која доколку не прифати да го корегира енциклопедискиот речник, партијата ќе ја запозне целата меѓународна јавност: „Доколку не, ние ќе продолжиме со порадикални мерки, како барање до сите меѓунардни претставници во Тирана за да притиснат на Академијата да ја направи соодветната корекција“, најавува Темелко.

Претходно, во врска со енциклопедискиот речник реагираа и претставниците на грчкото малцинство зашто и тие се претставени како дојденци, а не како автохтони. Панајот Барка, претседателот на здружението „Афирматори на нашиот идентитет“ ја обвини Академијата на науките на Албанија за дискриминаторски и деградирачки однос кон грчкото малцинство, неговата историја, култура и придонесот за албанското општество и за албанската држава. Како доселеници се наведуваат и Власите, додека другите малцинства, според Темелко, воопшто не се споменуваат.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска