Македонците во Албанија бараат враќање на националноста
27 декември 2011Македонците од општина Пустец, Мала Преспа, најостро реагираат во врска со одлуката на Уставниот суд на Албанија, за бришење на терминот националност во граѓанската евиденција. На средбата на Советот на општината, на која присуствувале и претседателите на месните заедници на деветте села од оваа област, усвоена е Декларација, која во текот на денов (27.12) ќе биде доставена до сите албански и меѓународни инситуции во Тирана, како и до државниот комитет за малцинства. И на оваа средба оценето е дека одлуката на судот претставува крешење на основното човеково право и е во спротивност со член 20 од Уставот на Република Албанија.
„Не очекувавме, од највисоката институција на правдата во земјата, што го штити Уставот, да носи антиуставна одлука, која е на штета на македонското и другите малцинства што живеат во Албанија, но и на штета на албанската држава, која е членка на НАТО и бара да биде член на Европска Унија“, стои во Декларацијата, што пред присутните ја прочита градоначалникот на Пустец и претседател на патијата Македонска алијанса за европска интеграција,(МАЕИ) Едмонд Темелко.
Во документот Македонците се прашуваат : Како е можно во комунистичкиот период да им биде запишана националноста во личните карти и во регистрите од матичните служби, додека денеска во демократија националноста била противуставна.
„Ние, како општина, каде живеат 100 осто Македонци, ќе ги превземеме сите законски и институционални мерки за да овозможиме враќање на националноста во регистрите од матичната служба и ова одлука ќе ја однесеме во Судот за човекови права во Стазбург“.
Признавање на сите права
Бараме од албанската држава, стои понатаму во декларација, да ја исправи оваа грешка, и да ја врати националноста во регистрите од матичната служба, како и официјално да ги признае и Македонците кои живеат во Голо Брдо, Гора како и во градовите во Албанија.
„Исто така им се обраќаме на меѓународните преставници во Тирана, да придонесат во решавањето на проблемите што нашата држава ги има со почитувањето на основните човекови права на малцинсвата, како и во исплонување на сите европски стандарти за заштита и унапредување на правата и слободите што им следуваат на малцинствата“, се наведува во Декларација, која ќе биде доставена до албанскиот државен врв, сите претставници на меѓународните организации, амбасадата на САД, амбасадорот на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ, амбасадите на Македонија, Црна Гора, Србија, Грција и Романија ( матични земји на малцинствата кои живеат во Албанија), како и до секретаријатаот за заштита на малцинствата во Стразбур.
Декларацијата е потпишана од градоначалникот Темелко, претседателот на советот на општината Лазо Стојани како и претседателите на месните заедници на деветте населени места.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Борис Георгиевски