1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското пливање во Лондон

Златко Калински12 јули 2012

Македонија првпат ќе учествува на Олимписките игри без норма во ниту еден спорт, но свои спортисти во Лондон ќе има. Меѓу нив се и припадниците на спортот кој даваше најмногу учесници на Олимпијадите.

https://p.dw.com/p/15UVq
Фотографија: Alexey Filippov/RIA Novosti

Кошаркарската репрезентација беше последната надеж, дека македонскиот спорт на претстојната Олимпијада ќе биде претставен во екипниот, исклучително интересен сегмент од Игрите. Желбите останаа во далечниот Каракас. Македонија првпат ќе учествува на Олимписките игри без остварена норма во ниту еден спорт, но свои спортисти во Лондон ќе има. Меѓу нив се и двајца пливачи.

Македонското пливање во изминатите две децении е спортот, кој даваше најмногу учесници на Олимписките игри. Бошевска, Мешковска, Маленко, Филиповски се респектираните имиња, кои беа во олимписките состави. Сега, со покана на организаторот, дел од натпреварите во Акватик центарот во Лондон ќе бидат пливачите Симона Маринова и Марко Блажевски. Деновиве, тест на формата ја имаа на митингот во Ниш, а со мислите се со претстојната Олимпијада. Симона е среќна поради учеството на Игрите:

„ Ни се остварија најголемите сништа. Ние ќе бидеме учесници на Олимпијадата со покани од Светската пливачка федерација. Сега работиме на подготвеноста, на подигање на формата за да се претставиме во што подобро светло.“

Mazedonien Skopje Schwimmbad
Фотографија: Zlatko Kalinski

И Марко на ист начин ја доживува спортската среќа:

„Кога ја слушнав веста дека ќе настапувам во Лондон бев пресреќен, бидејќи патот до Олимпијадата беше долг. Тој траеше речиси 4 години од претходните Игри, речиси цел тренажен циклус. Како што рече и Симона, соништата се остварени, со нестрпливост го очекуваме почетокот.“

Маринова ќе плива на 800 слободно, Блажевски на 400 мешано

Маринова и Блажевски се најдобрите пливачи во моментов, повеќекратни прваци на Македонија. Во Лондон ќе пливаат во една дисциплина. Марина ќе стартува во најдолгата женска трка, на 800 метри слободен стил:

„Во моментов тренирам напорно. Мојата дисциплина бара испливување на километри и километри и вложување на огромен труд. Сега заминуваме на завршните подготовки. Во наредните денови ќе бидеме на заеднички подготовки со Марко. Сакаме да подигнеме формата, како би можеле да ја претставуваме Македонија во најдобро светло.“

Блажевски ќе биде меѓу пријавените на 400 метри мешано, дисциплина комплексна, една од најсложените во пливачкиот спорт:

„400 метри мешано е мојата омилена дисциплина. Мојот прв рекорд на Македонија во пионерска конкуренција го поставив на 400 метри мешано. Во мојте планови за настап на Олимпијадата оваа трка беше мојата цел. За неа се вели дека е дисциплина на најдобрите и најподготвените пливачи. Можеби моето мислење е по малку пристрасно, но таа е тешка дисциплина , а јас сум подготвен за предизвиците.“

Iran KW 5 - 2012 Schwimmen
Фотографија: FARS

Старт на празник

Маринова е 17 годишна Скопјанка. До скоро преокупирана со гимназиските обврски и со исполнувањето на обемната пливачка програма. Особено е весела, бидејќи своето прво влегување во базенот во Лондон ќе го има на 2 август:

„Мојата трка во Лондон ќе биде на нашиот голем празник, 2 –ри август. Возбудена сум, за цело време моите мисли се и Марко и јас да се претставиме во што подобро светло.“

Блажевски неколку години студира во САД. За своите искуства во пливачки најразвиената средина вели:

„Нашата јавност мисли дека во САД имаме специјални услови, дека се тренира многу поразлично одошто тука. Тоа не е така! Главната разлика е само во планирањето. Пливањето е базичен спорт, многу е важен планот за работа. Според мене, пливањето и атлетиката се главните олимписки спортови. Тие се на врвот. Многу сум среќен, што сум во еден од овие два спорта. Во Лондон ќе го дадам својот максимум.“

Покрај двајцата пливачи, во списокот на македонските олимпијци за Лондон се очекува да има атлетичари, еден претставник од стрелаштвото, можеби уште некој учесник од спортовите во кои, не е неопходно исполнување на норма. МОК деновиве ќе го соопшти конечниот состав за Олимпијадата.