1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот рис засега „се спаси“

Б. Георгиевски/тац/фац/дивелт27 февруари 2015

Финансиерите на проектот за изградба на хидроцентрали во националниот парк Маврово се повлекоа по острите критики од еколозите, пишува весникот „Тагесцајтунг“. Опасноста тука не завршува

https://p.dw.com/p/1Eie4
Фотографија: picture-alliance/WILDLIFE

„Станува збор за етапна победа на еколозите: контроверзната изградба на две хидроцентрали во националниот парк Маврово во Македонија е се’ помалку веројатна“, пишува германскиот весник „Тагесцајтунг“. „Финансиерите на проектот, според пишувањата на весникот ’Гардијан’, се повлекле по острите критики од активистите за заштита на животната средина, кои беа загрижени, во прв ред, за опстанокот на ретките преостанати балкански рисови. Веста ја потврди и Улрих Ајхелман од еколошката организација ’Ривервоч’, кој се залага за заштита на реките во националниот парк“.
Доколку обете финансиски институции, Европската банка за обнова и развој и Светската банка, кои ветија по околу 65 милиони евра за изградбата на хидроцентралите, се повлечат, „македонската влада нема сили самата да го реализира проектот“, дополнува Ајхелман“.

„Тагесцајтунг“ го опишува Маврово како ретко разнолик регион со многу богата флора и фауна, кој е загрозен поради проектот. Организацијата „Ривервоч“ подолго време предупредува дека водните системи на Балканот се загрозени поради офанзивата на инвеститорите, кои во прв ред сакаат да градат хидроцентрали. „Зад плаштот на наводно еколошки обновливите извори на енергија, финансиерите ги уништуваат изразито компликуваните екосистеми со редок биодиверзитет во европски рамки“.
Со сличен проблем се соочува и соседна Албанија, пишува натаму весникот, а во целиот регион на Балканот планирана е изградба на над 2 илјади хидроцентрали.

„Во Македонија, националниот парк Маврово се чини сепак доби нова шанса откако беа стопирани двата проекта. Сега специјална комисија во која учествува и ЕУ најпрво ќе треба да ги утврди фактите на терен. Но, Ајхелман предупредува од преголем оптимизам: притисокот од инвеститорите, со оглед на големината на проектите, останува. (...) На линија со интересите на економијата во засегнатите држави се формира моќно (наводно, н.з.) ’зелено‘ лоби. А тоа и натаму работи за остварување на својот план за изградба на хидроцентрали на целиот Балкан“, се вели во написот на Тагесцајтунг.

Ново „да“ за Грција

Германскиот Бундестаг денеска (27.02) донесе одлука за продолжување на финансиската помош за Грција. И покрај големата поддршка во парламентот, печатот во Германија не е одушевен од одлуката:
„Политичари бидете искрени со нас!“ е насловот на коментарот во весникот Ди велт“. „Оној, кој се повикува на листата со грчки ветувања за спроведување реформи, се надеваме дека не заборава оти во случајот станува збор само за неодреден список на реформски обиди. Без било каков конретен број, без обврзувачки гаранции до кога тие реформи треба да се спроведат“, пишува „Ди велт“.

Насловот на коментарот на истата тема во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ гласи: „Опасност!“. „Новата влада во Грција во корен ја уништи надежта дека земјата може да тргне кон подобрување. Досега на кабинетот на Ципрас му појде од рака единствено да ја уништи сопствената веродостојност: во ЕУ, но и меѓу своите приврзаници. Не може да се препознае ни волја, ниту способност земјата да остане на реформскиот курс, на кој беше за време на претходната влада. Веќе се наѕира недостиг на нови милијарди. И во тоа буре без дно сега се фрлаат дополнителни германски пари. Дали германските политичари целосно го загубија разумот?“, се прашува ФАЦ.

Deutschland Wolfgang Schäuble Debatte zur Griechenland Hilfe
Германскиот Бундестаг со големо мнозинство изгласа нова помош за ГрцијаФотографија: Reuters/H. Hanschke
Fluss Vjosa
Загрозени се и реките во Албанија, предупредуваат експертитеФотографија: DW/A. Ruci