1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски струјни врски

24 август 2011

Од Битола до Елбасан ќе се гради далновод со што Македонија ќе добие енергетска врска со Албанија. Софија ќе формира балканска енергетска берза. Проектите треба да го зајакнат енергетскиот систем во ЈИЕ.

https://p.dw.com/p/12Ml5
Фотографија: BilderBox

Основање Балканска енергетска берза и енергетско поврзување на Македонија со Албанија. Најавени се два проекта што треба да му обезбедат на Балканот поголема енергетска стабилност, со оглед на тоа што станува збор за енергетски ранлив регион во Југоисточна Европа. Софија најави формирање балканска енергетска берза во која како партнери на Бугарија ќе бидат вклучени Македонија, Грција и Србија. Во истовреме, обезебедена е финансиската контрукција за изградба на нов енергетски коридор. За првпат се поврзуваат Македонија и Албанија. Двете земи ќе градат далновод со кредит од Светска банка.

Со ова поврзување Македонија преку електоенергетските системи на Албанија и Црна Гора ќе се поврзе со енергетскиот систем на Италија. Станува збор за 400 киловолтен далновод од Битола до Елбасан.

Според анализите на локалните експерти, потребите за електрична енергија на Македонија секоја година се зголемуваат за 4 проценти
Според експертите, потребите за електрична енергија на Македонија секоја година се зголемуваат за 4 процентиФотографија: DPA

„Од наша страна, согласно стратегијата за развој на енергетикатата, се предвидува интерконективно поврзување на 400 киловолтно напонско ниво, и тоа со Србија и Албанија, и надградба на постоечкиот далновод со Косово“, изјави за Дојче Веле министерот за економија на Македонија, Ваљон Сарачини. Македонија досега имаше две конекции со Грција, една со Бугарија и една со Србија.

„Проектот на македонска страна, односно трасата од Битола до македонско албанската граница, е со проектирана вредност од 23, 4 милиони евра“, објаснува Никола Стојанов од МЕПСО.

Според проценките на експертите, за целосна изградба на далноводот кон Албанија ќе бидат потребни две години. Македонија во последните години се соочува со недостиг на електрична енергија и тоа во услови кога голем дел од индустриските капацитети не работат. Според анализите на локалните експерти, потребите за електрична енергија на Македонија секоја година се зголемуваат за 4 проценти. За увоз на енергија Македонија годишно троши околу 150 милиони долари. Притоа, 50 милиони долари отпаѓаат на увозот на електрична енергија, а 100 милиони долари за набавка на нафта.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска