1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски „леопарди“ во Авганистан

5 јануари 2012

Денеска од тетовската воена касарна замина новиот контингент на Армијата на Република Македонија во мировната мисија „ИСАФ“ во Авганистан со 148 војници од единицата „леопарди“.

https://p.dw.com/p/13eqs
Фотографија: DW/S.Toevski

Денеска од тетовската воена касарна замина новиот контингент на Армијата на Република Македонија во мировната мисија „ИСАФ“ во Авганистан со 148 војници од единицата „леопарди“.

Во оваа 12-тата ротација АРМ учествува со механизирана пешадиска чета во рамки на контингентот на Велика Британија. Искусните „леопарди“ на македонската војска во наредниве 6 месеци ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата „ИСАФ“ во Кабул, каде што ќе бидат задолжени за обезбедувањето на таа команда. Мировниците на АРМ во Кабул ќе извршуваат и други сложени задачи: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од значење за животот на населението во таа држава, борбено обезбедување на комуникации и други задачи.

„Веќе ги знаеме предизвиците што не чекаат и сме подготвени на нив“

Командантот на најновиот контингент Мухарем Мухареми изјави: „Во 2009 година бев првпат во оваа мисија како штабен офицер и имам одредени искуства од теренот во Авганистан. Меѓу нас има војници и офицери, кои веќе учествувале по 2-3 пати во таквата мисија во рамките на контингентите од изминатите неколку години. И овојпат јас и сите ние сме свесни и запознати со предизвиците, кои не очекуваат таму“.

Afghanistan Militär Luftwaffe Helikopter Herat
Во Авганистан постојат бројни предизвици за војницитеФотографија: DW

Една од четирите припаднички на женскиот пол, облечени во новите униформи на македонските миротворци во Авганистан, е и Емилија Анастасовска. Таа заминува за првпат во ваква опасна мисија, но, сепак, самоуверено напоменува: „Постои едно непишано правило: штом ќе се облече униформа, тогаш сме сите исти и сите рамноправни, без разлика дали се работи за маж, или жена.“

Десетарот на АРМ Томислав Несторовски пред заминувањето на должноста во Авганистан денеска рече: „Таму бев во 2010 година и ги знаеме предизвиците, со кои ќе се соочиме. Здобивме и дополнителна подготовка за ситуациите на теренот низ обуките овде во изминативе недели.“

Подофицерот на АРМ Кенан Незири во 2007 година имал прво учество во мировна мисија на АРМ и тоа во „Слобода за Ирак“. Пред да замине во својата втора мировна мисија, овојпат во Авганистан, тој посочи: „Мировните мисии во Ирак и во Авганистан се слични, оти и населението таму има слични убедувања. Нашите војници досега се одликувани со медани за заслуги и имаат добиено други признанија, поради тоа што покажуваат дека се рамноправни со војниците од другите национални контингенти на НАТО.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска