1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска магла врз посетата во Вашингтон

Катерина Блажевска12 јануари 2016

Не се знае кој ја организирал средбата на македонскиот премиер Никола Груевски со американскиот потпретседател Џо Бајден. Во официјалното соопштение од неа се нагласува имплементацијата на Договорот од Пржино.

https://p.dw.com/p/1HbiS
Фотографија: MIA

Многу магла и неодговорени прашања се надвиснаа над посетата на премиерот Груевски на Вашингтон. За прашањето кое премиерот не го одговори пред македонската јавност, подгревајќи ги шпекулациите околу мотивите за неговата вчерашна средба со американскиот потпретседател Џозеф Бајден, одговор вчера стигна од амбасадата на САД во Скопје.

„Владата на Република Македонија барала премиерот Груевски да се сретне со потпретседателот на САД, Џо Бајден, за да разговараат за спроведувањето на Договорот од Пржино, за безбедносни, како и за други прашања од взаемен интерес“, соопштија за Дојче веле од амбасадата на САД.

Од таму не коментираат други детали, но од извори во Вашингтон неофицијално дознаваме дека средбата Груевски-Бајден не била организирана преку амбасадата на САД во Скопје. Од делегацијата, во која покрај премиерот беа министерот за надворешни работи Никола Попоски и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протогер, досега нема одговор кој ја организирал средбата.

По состанокот, Белата Куќа само кусо соопшти дека „Бајден и Груевски се согласиле околу важноста на континуираната имплементација на Договорот од Пржино, и преземањето на сите неопходни чекори за обезбедување на веродостојни избори“. Од средбата уште се нагласува и „поддршката на САД за евро-атлантските интеграции на Македонија“.

The Vice-President [Biden] and Prime Minister [Gruevski] agreed on the importance of continued implementation of the Przino [crisis] Agreement and taking the actions necessary to ensure credible elections," the White House said in a statement. - See more at: http://www.balkaninsight.com/en/article/us-urges-macedonia-to-fulfill-crisis-deal-01-12-2016#sthash.RpoOfkGI.dpuf
The Vice-President [Biden] and Prime Minister [Gruevski] agreed on the importance of continued implementation of the Przino [crisis] Agreement and taking the actions necessary to ensure credible elections," the White House said in a statement. - See more at: http://www.balkaninsight.com/en/article/us-urges-macedonia-to-fulfill-crisis-deal-01-12-2016#sthash.RpoOfkGI.dpuf

Во домашната јавност се шпекулира дека средбата е ораганизирана преку лобисти, односно преку американската консултантска агенција „Њу партнерс“ која ВМРО-ДПМНЕ од 1 декември лани ја ангажирала за да ја промовира Македонија и претседателот на партијата и премиер, Никола Груевски. Информацијата за овој ангажман ја објави американскиот неделник „Пи ар вик“, повикувајќи се на документи објавени на интернет-страницата на Државната агенција за регистрација за странски соработници во Министерство за правда на САД. За услугите агенцијата месечно ќе добивала 54.000 американски долари. Според договорот, освен промоција на Груевски, таа требало да обезбеди и услуги што на клиентот ќе му го олеснат пристапот до западните медиуми, а нејзини должности ќе бидат и пишување поенти, изјави и мислења.

USA Besuch Premierminister Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: MIA

Ќе има ли официјално соопштение?

На веб-страницата на Белата куќа до утрово немаше информација за средбата Груевски - Бајден. Последната датира од 16 февруари 2011 година. На веб-страницата на Владата, пак, ноќеска беше објавена само информација за средбата на Груевски со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот и со Алан Берсин, помошник секретар за национална безбедност САД, но не и соопштение за средбата со Бајден. Фотографиите од средбата со американскиот потпретседател и изјавата на Груевски по средбата, пред полноќ беа објавени на порталот „Курир“.

„Со господинот Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното наше гледање досега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците. Америка е наш партнер, ние имаме потпишано декларација за стратегиско партнерство во 2008 година и во многу работи имаме сериозна поддршка од САД во овој изминат период. На средбата зборувавме за повеќе теми. Зборувавме за политичкиот договор, за реформите во повеќе сфери, за економијата и економската соработка, за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и ЕУ и нивната поддршка во тој правец ќе ни биде многу значајна за нас во иднина“, изјавил Груевски по средбата со американскиот претседател.

Порталот објави и кратка видео снимка од зборовите со кои Сешн го пречекува Груевски: „Добредојдовте, почестен сум од вашата посета. Ви благодарам што одвоите време. Америка се гордее со вас за вашиот економски раст и развој, за вашите идеи со кои ја направивте земјата подобра. Ви благодарам што одвоите време да ме посетите денес. Вашата посета на САД е добра за САД.“

Во дипломатски кругови, во недостиг од информации, не сакаат официјално да го коментираат „проѕирниот пи-ар на Груевски“.

„Многу веројатно е дека средбата е договорена преку лобисти. Штом Груевски ја барал, прашањето е што сакал да постигне. Веројатно сакал да се покаже пред домашната јавност како 'играч', кој има некаква поддршка во Вашингтон. Второ, можеби барал гаранции дека ако даде оставка ќе има избори во април. Трето, можеби играл на картата на името за да си ја спаси кожата. Сите три причини не се исклучуваат една со друга. Инаку, и Бучковски беше на средба во Белата куќа со претседателот Буш, пред да ги изгуби изборите во 2006 година“, коментира македонски дипломат.

USA Besuch Premierminister Mazedonien Nikola Gruevski la
Фотографија: MIA

Скенираат и не коментираат!

Додека јавноста се обидува да најде одговори за мотивите на оваа посета на Вашингтон, од другата страна на „големата бара“, во Скопје, европратениците Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, со партиите потписнички вчера го скенираа нивото на реализација на Договорот од Пржино. Во отсуство на Груевски, министерот Никола Тодоров, кој беше член на Работната група, им укажал на европратениците дека биле почитувани сите обврски кои ги презела ВМРО-ДПМНЕ. Тој им ги пренел очекувањата Договорот да биде до крај реализиран, вклучувајќи го и клучниот услов - изборите на 24 април.

„Одржувањето на изборите во предвидениот датум ќе значи и целосно заокружување на Договорот и излез од кризата. Секој обид да се изигра овој услов го доведува во прашање целокупниот договор и се што е досега постигнато“, соопшти партијата. На тројцата европратеници им било укажано, како што се вели во соопштението, и на „незаконските разрешувања направени во изминатиот период од страна на технички именуваните министри и заменици на СДСМ, почнувајќи од жестоката партизација со непрофесионален кадар, преку незаконските одлуки и разрешувања, па се до унапредувањето на сопругот на министерката Фросина Ременски со кое што беше нарушен системот на кариера кој МВР заедно со меѓународни експерти го градеше со години“.

Лидерот на СДСМ нагласил дека Договорот е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и дека само негово целосно спроведување може да создаде услови за фер избори.

„СДСМ ги исполни сите обврски од Договорот. Очекуваме сите страни да ги исполнат своите обврски како што е предвидено“ рекол Заев, изразувајќи жалење што не се спроведуваат реформи во клучни области, директно поврзани со изборниот и предизборниот процес.

„Слободата на медиумите и слободата на говорот се директно поврзани со демократскиот амбиент во предизборниот период. Прочистен, кредибилен Избирачки список ја враќа довербата кај граѓаните во овој исклучително важен сегмент од изборниот процес којшто треба да гарантира почитување на слободно изразената волја на граѓаните. Впрочем, тоа е и законска обврска“, потенцирал Заев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека очекува изборите да се одржат на 24 април, бидејќи секое пролнгирање може да ја продлабочи криза. На прашањето зошто Груевски не даде оставка уште на 10 јануари, како што најави лично Ахмети, тој одговори: „Тоа се ситници“.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи изрази стравување дека „ако брзо не почне прочистувањето на Избирачкиот список, надежите за фер и демократски избори полека ќе исчезнуваат“.

Од сите партии информираат дека бриселската тројка засега „само скенира, но не коментира“. Официјална изјава европратениците најавија за денеска, по средбите во ДИК и Специјалното обвинителство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема