1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе ја претрка Србија на патот кон ЕУ?

Ивица Петровиќ
2 мај 2018

Дали Македонија може да ја престигне Србија на патот на евроинтеграциите? Зашто, новата влада е решена да го оконча спорот со Грција и да ја воведе земјата во НАТО. А својот автократ Македонците веќе го сменија.

https://p.dw.com/p/2wzbX
Symbolbild Flaggen von Mazedonien und Serbien
Фотографија: Colourbox/A. Mijatovic

Угледниот професор и познавач на Југоисточна Европа, Флоријан Бибер, до скоро  шесте земји од Западен Балкан,  кои чекаат за влез во ЕУ, ги категоризираше во две групи: оние кои можат и оние кои не можат. Можеа Црна Гора, Србија и Албанија, а не можеа БиХ, Македонија и Косово - секоја поради нерешните прашања кои завлегуваат и во самиот суверенитет и уставното уредување. 

Но, со промената на власта во Скопје, Македонија експресно премина во групата на оние кои можат. Разговорите со Грција напредуваат, првите знаци на добра волја, во вид на елиминација на имињата на аеродромот и автопатот, кои се викаа Александар Македонски, веќе се пружени, Скопје сака наскоро да влезе во НАТО, а владата на Зоран Заев има прилика да исправи сѐ што претходниот премиер Никола Груевски работеше на автократски начин.

Не е чудо што земјите од регионот со различна брзина напредуваат кон ЕУ. Првенствено Црна Гора ги искористи проблемите и политичките дилеми на своите соседи, и би се рекло, стекна недостижна предност во трката кон Брисел.

Повеќе: 

ЕУ го сака Балкан, токму сега!

Црна Гора - најголем фаворит

Со таа оценка се согласува и Бојан Ал Пинто Бркиќ од белградскиот Форум за меѓународни односи, кој истакнува дека Црна Гора не само што најмногу напредуваше во преговорите со ЕУ, туку е и членка на НАТО. „Членството во НАТО можеби не е директен квалитет, но секако е потврда за сериозноста на земјата за членство во ЕУ.“

Бркиќ за Дојче веле истакнува дека официјално Скопје, ако го примени црногорскиот рецепт, исто така може да ја престигне Србија. „Македонија доби статус на кандидат пред Србија, беше многу близу до членство во НАТО. Ако го реши спорот со Грција, логично е прво да стане членка на НАТО, а потоа да ги забрза преговорите со ЕУ и да стане членка заедно со Црна Гора и Србија, или веднаш по Црна Гора“, вели Бркиќ.

Србија во овој момент е позиционирана зад Црна Гора и заедно со неа спомената во Стратегијата за Западен Балкан, но Македонија се приближува со чекори од седум милји. По смената на автократската власт и доаѓањето на социјалдемократот Зоран Заев на премиерската функција, Македонија се фати во костец со сите пречки кои ги имаше на патот на евроатлантските интеграции.

Бујар Османи, македонски вицепремиер за европски прашања, за Дојче веле вели:

„Досегашната анализа на вкупната подготвеност, покажа дека Македонија е прва во регионот во исполнување на економските критериуми за членство во ЕУ, рамо до рамо и на прво место со Црна Гора во хармонизација на законодавството, и високо во исполнување на политичките критериуми. Имајќи предвид дека сето ова е постигнато во еден домашен процес на симулација на преговори во нивно отсуство, можете да претпоставите каде би биле со отворени поглавја, интензивен мониторинг, асистенција и силна мотивација“, оптимистичен е Османи.  

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Еден автократ сега е во опозиција: Никола Груевски и Александар ВучиќФотографија: DW/P. Stojanovski

Предностите на Македонија

Притоа е јасно дека, барем според емотивниот набој, она што е за Македонија спорот со Грција околу името, за Србија е прашањето околу Косово. Бојан Ал Пинто Бркиќ предупредува дека без решение за тоа прашање, вратата на Еу за Белград останува затворена.

„Се поставува прашање кој е временскиот рок во кој решението е изгледно и дали е можно Македонија во меѓувреме да ги реши своите преговори со ЕУ? Важно е да се напомене дека Македонија е помала од Србија и според бројот на жители и според територија, а тоа може да биде предност во преговорите со ЕУ“, додава Бркиќ.

Македонскиот премиер Зоран Заев за Радио слободна Европа забележа дека „самата Европа пласираше датум - 2025. година, а имајќи предвид дека Македонија добива препораки од 2009, а е земја кандидат од 2005. година, можеме многу порано. Јас верувам дека можеме да ги стигнеме Црна Гора и Србија кои отвораат поглавја, но тоа зависи, пред сè, од нашите домашни перформанси и капацитети“, рече Заев. 

Повеќе: 

ЕУ и опасноста од ескалирање на „македонското прашање“

Што го забрзува европскиот пат?

Иако на прв поглед не е пресудно, евентуалното членство во НАТО несомнено го забрзува процесот на европски итеграции. Србија во тој поглед официјално и натаму се придржува кон политиката на воена неутралност и моментно постои само срамежливо навестување дијалог по тоа прашање. Црна Гора како членка на НАТО тука има голема предност.

На проблемот околу името со Грција се работи интензивно и се чини дека Македонија е подготвена на компромиси. Од друга страна, односите меѓу Белград и Приштина влегоа во ќорсокак и тешко е да се предвиди како и кога ќе се постигне некој договор, иако српскиот претседател Александар Вучиќ повикува на компромис. На крајот, македонските гласачи ја сменија автократската власт која се покажа како главен кочничар на реформите и демократските институции. 

Бојан Ал Пинто Бркиќ истакнува дека сето споменато донекаде влијае на европската перспектива. Но, тој ја гледа суштината во тоа што Македонија е земја со „многу чувствителни граници и членството може далеку повеќе да придонесе кон стабилност на регионот отколку, да речеме, членството на Црна Гора, БиХ, па и Србија.“

Federika Mogherini trifft Ministerpräsidenten der Westbalkan-Länder
Трката кон ЕУ е трка со подвижна целна линија? (фото: премиерите на државите од Западен Балкан на вечера со првиот дипломат на ЕУ, Могерини, во Скопје 18.04.2018)Фотографија: Regierung Mazedonien

Западен Балкан (сепак) не е приоритет

Симонида Кацарска, директорка на невладиниот Институт за европска политика - Скопје, за Дојче веле истакнува дека Македонија е кандидат за ЕУ уште од 2005. година, со процесот на усогласување започна многу порано од останатите земји, поради што сѐ уште стои релативно добро од регионален аспект.

„Но, ако гледаме на ниво на самата земја, со исклучок на напредокот во правосудството и јавната администрација во 2018. година, Македонија веќе неколку години стагнира или уназадува во севкупното ниво на усогласеност, кое беше највисоко околу 2010 година. Тешко е да прогнозираме, но ако правилно се мобилизираат постојните ресурси, Македонија има добра шанса да биде успешна во преговорите, имајќи предвид дека е мала земја со подолго искуство во процесот. Се надеваме дека ние ќе бидеме случајот кој ќе докаже дека процесот на пристапување е меритократен, и дека и покрај истакнувањето на Србија и Црна Гора во Стратегијата за проширувањето, постои можност и друга земја да им се приклучи или да ги престигне“, вели Кацарска за Дојче веле. 

Србија ја трча својата трка и не би требало да се обѕира на Македонија или на Црна Гора, оценува Бојан Ал Пинто Бркиќ. „Може да се каже дека проширувањето кон Западен Балкан не е вистински приоритет на ЕУ. Нејзини најголеми приоритети се уредувањето на односите со Велика Британија или трговските односи со САД и со Кина.“ Така може да излезе дека трката кон ЕУ всушност е трка со подвижна целна линија.