Македонија со трет пораз
8 септември 2013Македонија досега има резултат од една победа и три порази, додека Босна ја забележа втората победа во четирите одиграни натпревари. Македонските репрезентативци, кои во натпреварот со Босна влегоа по импресивната победа над Србија, против Босанците го одиграа најлошиот меч во досегашниот дел од првенството.
Македонија натпреварот го отвори со седум поени во низа – Бо Меккејлеб и Дамјан Стојановски погодија за два, а Антиќ за три поени, но во следните две минути Босанците возвратија со иста мерка. Од тој момент на паркетот се водеше голема борба на двете страни, а и двете селекции имаа огромни проблеми со реализацијата.
Македонските кошаркари особено беа лоши во ударите за три поени во првиот дел, во кој погодија само две тројки од 14 обиди. Резултатска нишалка имаше и во вториот дел, а македонските играчи на неколку наврати не успеаја да се одлепат на пристојна разлика, иако противникот го дозволуваше тоа.
Босна се врати во ритам откако селекторот Ацо Петровиќ, поради втората техничка грешка мораше да го напути паркетот. На повеќе од три минути до крајот, при резултат 52:52, Ѓедовиќ и Телетовиќ погодија две тројки, а во следните две минути серијата на Босна беше 10:1.
Македонија на оваа средба имаше само тројца расположени играчи - Бо Меккејлеб постигна 19 поени, Перо Антиќ имаше 17 поени и 7 скока, додека Владо Илиевски мечот го заврши со 8 поени, 4 асистенции и 5 скока. Останатите наши играчи имаа исклучително лош ден - Гечевски постигна четири поени, а браќата Стојановски, но и Самарџиски, реализираа по само два поени.
На спротивната страна, Босна до победата ја предводеа Мирза Телетовиќ (22 поени, 7 скока) и Нихат Ѓедовиќ (20 поени, 7 скока и 6 асистенции).
Македонија в понеделник ќе го одигра последниот натпревар во Б групата, од 14:30 играчите за противници ќе ги имаат кошаркарите на Летонија.