Македонија се надева на помош на САД пред самитот на НАТО
27 јануари 2014Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и ЕУ и очекува американска поддршка и ангажман пред следниот НАТО самит во Велика Британија. Ова го истакнал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната средба во Скопје со заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји.
„Постојат два начина Република Македонија да го заземе заслуженото место во Алијансата, што ќе биде од корист за целиот регион. Првиот е преку безусловно почитување на Времената спогодба и пресудата од Хаг и вториот е изнаоѓање заемно прифатливо решение за наметнатиот спор во согласност со рамката во која се води процесот. За деблокада на нашите стратешки цели неопходна ни е поддршката и ангажманот на САД“, нагласил Иванов.
Во однос на разговорите околу прашањето за името, претседателот Иванов укажал дека јужниот сосед продолжува со неодговорно однесување, избегнување на контакти и непочитување на рамката на разговорите.
„Непридржувањето до рамката во која се води процесот во Обединетите нации, непочитувањето на пресудата од Хаг, не нѐ придвижува кон постигнување заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме од нашите сојузници, пред сѐ од САД, во име на поширокиот интерес да побараат разумно однесување од страна на Грција“, истакна претседателот Иванов.
На средбата со заменик помошникот на државниот секретар на САД, бил потврден интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекувањето за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка.
На средбата, како што информираат од Кабинетот на Иванов, биле разменети мислења и информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.
И министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски денеска го прими новоименуваниот заменик Хојт Брајан Ји. За време на средбата, соопшти МНР, соговорниците размениле мислења за повеќе актуелни прашања, со посебен акцент на очекувањата за понатамошна поддршка од САД во процесот на евроинтеграцијата на Македонија.
Во оваа насока, Хојт Брајан Ји ја повторил непроменетата принципиелна американска позиција за поддршка на македонските евроатлантски аспирации, особено во контекст на следниот НАТО Самит, кој ќе се одржи во септември оваа година во Кардиф.