1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Балканот повторно врие

ЕМФ
7 јули 2017

На Балканот повторно врие, а примерот на Македонија покажа дека регионот не смее да им биде оставен на силниците, доколку се сака раст на демократијата, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“.

https://p.dw.com/p/2g7lL
Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

„Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ) преку гостинскиот коментар на професорот по историја на Југоисточна Европа на Универзитетот Виена, Оливер Јенс Шмит, во денешното издание се занимава со состојбата на Балканот и улогата на ЕУ. Во обемниот текст под наслов „На Балканот повторно врие“, авторот меѓу другото оценува:

„Кога ќе се погледне на картата, Западниот Балкан изгледа како слепа зона среде ЕУ- и НАТО-подрачје. Неинтересот на ЕУ го отвори овој простор за други влијанија. Русија, Турција, Саудиска Арабија и други исламски држави, а во последно време и Кина, прават напори да ја пополнат стратешката празнина. Додека Русија и Турција ги инструментализираат империјалните традиции и религиозна солидарност со балканските православци, односно муслимани, Кина во економски слабата зона гледа како на крајна точка на својата стратегија на патот на свилата, која ја опфаќа и економски слабата Грција. Ова влијание пред сопствената порта би морало да ја вознемири ЕУ, дотолку повеќе што Балканот како транзитна зона за мигрантите и бегалците во 2015 година доби особено стратешко значење. ЕУ знае дека веќе не ги одредува сама правилата на Балканот, дека многу сѐ поавторитарни политичари во регионот си создаваат маневарски простор со вешто изигрување на Брисел против Москва, Анкара и други актери. Затоа германската влада во 2014 година го почна т.н. Берлински процес, со поддршка на Австрија, Франција и Италија. Треба да се поттикнува развојот на Западниот Балкан во сферата на економијата, инфраструктурата, науката и образованието и регионот треба да се стаблизира, со официјална цел - целосно членство (во ЕУ, н.з.). Фактички, сите учесници се свесни дека државите за тоа уште долго нема да бидат подготвени. ЕУ не сака да ја повтори грешката како во случајот со Романија и Бугарија и како номинална вредност да ги зема само ветувањата за реформи.“

Констатирајќи дека „потпирањето врз силни политичари, кои се нудат како гаранти на стабилноста, а во земјата владеат непречено авторитарно не е нова стратегија на евроатлантските актери“, НЦЦ оценува дека „сега се чини како ваквиот модел да е раширен на целиот регион“ и дека тоа „отвора прашања“. Анализирајќи ја улогата на балканските лидери и односот на ЕУ кон нив, весникот подетално пишува за ликот и делото на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и на албанскиот премиер Еди Рама, чие „мешање во внатрешната политика на Македонија, каде ги собра во алијанса албанските партии, не е непроблематично“. На крајот, авторот Оливер Јенс Шмит заклучува дека при „сите тешкотии“,  се истакнува еден „позитивен пример“, а тоа е примерот на Македонија:

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

„Македонија, двомилионска земја со етнички многу мешано население, отсекогаш третирана како клучна земја на Балканот не поради нејзината економска сила, туку поради нејзината стратешка положба. По долго повлечи-потегни, националистичката партија ВМРО на поранешниот премиер Никола Груевски, кој владееше авторитарно и ја имаше поддршката на Русија, ја предаде власта на коалицијата под раководство на Зоран Заев, составена од социјалдемократите и партии на Албанците. Со тоа, по демократските избори, беше спроведна промена на власта. ЕУ делуваше во таа насока, меѓутоа од клучно значење беше влијанието на САД, додека Русија остана со куси ракави. Груевски најмалку два пати се обиде да испровоцира интеретнички конфликти. Последниот пат тоа беше при упадот на неговите приврзаници во парламентот во Скопје на крајот на април 2017. Меѓутоа, граѓаните, како Македонците, така и Албанците, останаа мирни и не дозволија да бидат подбуцнати на омраза кон другите. Против владата на Груевски веќе претходно се формираше мирно масовно движење на граѓани, кои на собирите заеднички го вееја македонското и албанското знаме. Националистички сили има и натаму, но желбата на луѓето во Македонија за мир во моменов е очигледно посилна.“

Наведувајќи дека владата на Заев прави напори и за релаксирање на односите со соседите и дека ЕУ треба да ја поддржи политиката на релаксација во регионот и да му даде поткрепа на македонското граѓанско општество, гостинскиот коментар во НЦЦ завршува со зборовите:

„Македонија покажува дека доколку се сака раст на демократијата, Балканот не смее да им се остави на силниците.“