1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не стравува од балкански фронт на ИД

Катерина Блажевска3 декември 2015

Иако и Македонија е на „мапата“ на „Исламската држава“, експерти сметаат дека таа не е цел на терористички закани. Мерките на МВР за зајакната контрола остануваат во сила

https://p.dw.com/p/1HFPV
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/SITE Intel Group

Последната порака која исламските екстремисти ја упатија на западните држави, меѓу кои се спомнува и Хрватска, го подигнаа безбедносните служби на највисок степен на подготвеност, пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“, во текст под наслов „ИСИЛ отвора балкански фронт: Тајните служби на највисок степен на подготвеност!“

„Најзагрозени се Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Целта на ИСИЛ и други радикални групи е да се разори концептот на соживот меѓу муслиманите и христијаните. Овие три држави се као создадени за тие планови“, изјавиле соговорниците, за кои „Јутарњи лист“ пишува дека се безбедносни експерти добро упатени во плановите на исламските радикали во БиХ, Албанија, Косово, Македонија, а особено во Санџак. Според експертите, повикот на света војна е сфатен така како што гласел.

„Тоа е објава на војна“, вели еден од соговорниците, со заклучок е дека „Балканот е загрозен“.

И натаму зајакнати мерки

Загриженоста ја зголемуваат и информациите дека седум лица од Косово кои се бореле на страната на Исламската држава, се вратиле на Балканот и сега се сместени во неколку села во близина на Скопје, како што објави приштинскиот весник „Коха диторе“. Весникот се повикува на разузнавачки служби, кои биле информирани за пристигнувањето на Лавдрим Мухаџери, Ридван Хакифит и пет други косовски членови на ИД. И покрај ваквите информации што доаѓаат од најблиското соседство на Македонија, како и фактот дека и таа е на „мапата“ за напади од ИД, безбедносни експерти сметаат дека Македонија не е цел на терористички закани, бидејќи тие се пред се, насочени кон големите европски држави.

Од МВР „поради супилноста на информациите“ не сакаат јавно да зборуваат за потенцијални опасности од екстремистички закани, но велат дека се преземени сите неопходни безбедносни мерки. Зајакнатите мерки, кои во Скопје беа преземени по терористичките напади во Париз, и натаму остануваат во сила. Тие коинцидираа и со изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека од Македонија во моментов има 110 борци во Сирија, 25 загинале, а 69 се вратиле во земјата. Еден од нив беше уапсен во минатиот петок (27.11) во полициската акција „Ќелија“. Против С.Р. (21) од Скопје, полицијата уште во август годинава поднела кривична пријава поради основано сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации“, казниво по член 322-а од Кривичниот законик. Според полициските сознанија, С.Р. бил припадник на „Исламската држава“ и првпат заминал во Сирија во првата половина на 2013 година, а вторпат во октомври лани. Пред неколку недели илегално се вратил во Република Македонија. Откако бил лоциран од полицијата, по налог на Јавен обвинител бил лишен од слобода. Оперативната акција „Ќелија“ започна на 6 август годинава, по повеќемесечна координирана истрага во која беа собрани докази за лица кои учествувале во паравоени формации, собирале финасиски и логистички средства и врбувале и поттикнувале лица да се приклучат во нив. Тогаш беа извршени 28 претреси во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга и беа уапсени 9 лица. Подоцна биле лишени од слобода уште четворица, а по 20 се уште се трага.
Според косовската полиција бројот на лицата за кои се верува дека биле во конфликтните региони на Блискиот Исток и се вратиле во Косово е над 120. Во Албанија се оперира со официјална бројка од 26 албански државјани кои се активни во ИД и други организации кои се борат против режимот на Башар Ал-Асад, но неофицијално се смета дека таа е неколкупати поголема.

Разузнавачите загрижени

Безбедносната состојба дополнително ја компликува и бегалскиот и мигрантски бран кој поминува низ балканската рута, бидејќи зад тој статус може да се кријат и лица со екстремистички намери. За овие проблеми, неодамна разговарал и Советот за регионална соработка на Процесот на сорботка во ЈИЕ, како што изјави деновиве за Дојче веле, генералниот секретар на Советот, Горан Свилановиќ.

„Советот за регионална соработка организираше состанок на шефовите на воено-разузнавачките служби од поширокиот регион. Секако, учествуваа и претставници од Македонија, заедно со претставници од уште 11 други држави - од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Албанија, и се разбира, од земјите од поранешна Југославија. Можевме да слушнеме што мислат тие за безбедносните предизвици пред нас, а во врска со бегалците и мигрантите. Тие се многу загрижени. Таа загриженост јас им ја пренесов на нашите министри за надворешни работи, како и на претставниците на Европската Комисија“, изјави Свилановиќ.

Македонски безбедносни експерти сметаат дека класичните безбедносни мерки пост-фестум даваат помалку резултати ако не им претходела силна превентива.

„Македонија не покажа резултати на планот на превенирање на одредени состојби. Многу млади луѓе заминаа на боишта на Блискиот Исток. Дел задоени од екстремистички идеологии, но најголемиот дел поради општо незадоволство - невработеност, лоша егзистенција, исклученост од разни причини- социјални, образовни и други. На тој план требаше навреме да се делува. И сега не е доцна, но ќе биде многу потешко, бидејќи сега треба да се разбие еден поврзан синџир - еден оди, повикува друг, трет, и тој опасен круг се шири. Тој круг треба да се пресече, но мора да се размисли и за нивна ресоцијализација, бидејќи во спротивно нема да имаат никакви мотиви да го фрлат оружјето и да го заменат со работна алатка. Заштитата од екстремизам е најголема преку социјални мерки кои демотивираат насилство“, објаснува соговорникот.

Нелегални преминувања

И додека расте во должина оградата на јужната македонска граница, така расте и опасноста од нејзино нелегално поминување од страна на економски мигранти, на кои не им е дозволен транзит низ Македонија. Полицијата во изминатите денови веќе откри такви случаи. Во кумановското село Ваксинце биле затекнати 42 мигранти, кои илегално влегле во земјава од Сирија, Пакистан, Иран и други држави, и насилно влегле и во куќата на Р.Р. кој бил на привремена работа во Швајцарија. При контрола на автобус на „Руле Турс“ на влезот во Гевгелија, откриени се четири лица странски државјани, кои илегално, пеш ја преминале грчко-македонската граница. В.А.М. (36) од Либан, А.М. (22) од Мароко и А.Х. (40) и Р.М. (22) од Авганистан, во полициска станица изјавиле дека на автобуската станица во Гевгелија непознато лице им ветилo превоз до Србија за сума од 400 евра. Откако се договориле, тие на лицето му дале 300 евра и мобилен телефон, по што тој им купил автобуски карти и ги оставил на автобуската станица. Полицијата открила дека станува збор за лицето М.И. (45) од селото Мрзенци, кај кого бил пронајден телефонот кој мигрантите му го дале во противвредност од 100 евра.

Во насока за засилена контрола, Македонија очекува во земјата да пристигне специјализиран тим од ЕУ кој ќе врши проценка за поставување опрема за регистрација на бегалци на јужната граница, која треба да ја олесни работата на безбедносните служби. Според надлежните, освен редовната процедура за регистрација - евидентирање на име и презиме и датум на раѓање на бегалците, важна е и безбедносната проверка - земање отпечатоци од прсти, фотографија и разговор со лицето.

OSZE Goran Svilanovic Politiker aus Serbien
Свилановиќ: Во регионот постои голема загриженост околу безбедносните предизвициФотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com
Griechenland Mazedonien Grenze Flüchtlinge
Безбедносната состојба дополнително ја компликува и бегалскиот и мигрантски бран кој поминува низ балканската рутаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski