1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија на нозе, режимот на колена“

Катерина Блажевска19 април 2016

Од #Протестирам поставија четири нови барања: Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за СЈО, да се формира специјално судско одделение, преодна влада и во преговорите да се вклучат граѓанските организации

https://p.dw.com/p/1IY5h
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Црвени и сини печати од граѓанскиот револт, повторно ја украсија Тримфалната порта во Скопје, која неколку вечери по ред го апсорбира незадоволството од милионските суми нетранспарентно потрошени средства за неокласицистичкиот проект „Скопје 2014“. И не беше единствената што беше обоена. Црвени очи доби и лавот под споменикот на Воинот на коњ, а во фонтаната под него се напласти пена од истурен детергент. Во црвено и сино беше обоена и фасадата на Министерството за култура, како и штитовите на полицајците што беа во кордонот пред неа.



„Граѓаните се охрабруваат. Секој ден се повеќе расте реката од народ по улиците“, коментира задоволно студент од Економскиот факултет, кој вели дека секоја вечер е присутен на протестите и ја воочува разликата. На социјалните мрежи еруптира задоволството од будењето на граѓанската свест.

„Македонија е на нозе, режимот на колена“, „Никола, гледаш ли колку те 'сака' народот?“, Никола, време е да најавиш нова инвестиција - во сопствената оставка“, се дел од пораките на граѓаните. Некои реторички прашуваат: „Бабо, зошто му се црвени очите на лавот?“

Вечерашниот протест во Скопје беше најмасовен досега. И овојпат демонстрантите тргнаа од зградата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кон Собранието, а преку плоштадот „Македонија“ кон Министерството за култура и пред Владата.
„Оставка“, „Нема правда, нема мир“, „Никола на робија“, „Ќе победиме“, извикуаа демонстрантите и испишаа голем број графити на повеќе локации во центарот на Скопје.

Кон денешните протести за првапат се приклучи и движењето „Беса“, чие присуство беше дочекано со аплаузи, а македонското и албанско знаме беа врзани заедно.


„Протестирам“ со седум барања
Демонстрантите организирани од здружението „Протестирам“, покрај досегашните три барања - повлекување на претседателската одлука за аболиција, оставка на Иванов и одложување на изборите, поставија уште четири нови барања: пред да почнат какви било преговори меѓу четирите партии, Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Законот за специјалното обвинителство; да се формира судско одделение кое ќе ги процесуира предметите на СЈО; да се формира преодна влада која ќе ги спроведе итните реформски приоритети и заостанатите обврски од пржинскиот договор; и граѓанските организации да бидат вклучени во официјалните преговорите за излез од кризата.


„Протестирам“ јавно ги соопшти барањата и енергично ќе инсистира на нивна реализација , пред да почнат какви било преговори меѓу лидерската четворка, чие евентуално одржување е најавено во Виена под палката на еврокомесарот Јоханес Хан и во стариот преговарачки формат: лидерите на четирите партии, плус амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат на средбата, а СДСМ одлуката ќе ја донесе по внатрепартиските и консултациите со граѓанските организации.

Македонија на нозе
За време на масовниот и мирен протест во Скопје кој помина без никакви инциденти, со аплауз беа дочекувани информациите дека протестите масовно се шират и во другите градови во земјата. Вечерва на нозе повторно беа Битола и Велес, но и Куманово и Штип.

Во Битола протестната рута беше проширена и пред зградата во која живее градоначалникот Владимир Талески, каде битолчани уште помасовно му побараа оставка и „да ги врати парите“. Од утре кон протестите ќе се приклучат и Кочани, Кавадарци и Гостивар.
Во Штип, Велес и во Битола вечерва беа одржани и контра-протести од граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) кое изразува незадоволство од аболицијата на Зоран Заев и Зоран Верушевски и заложбите на опозицијата за одложување на изборите.