1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Македонија на Европско или како ја „описменивме“ Европа

13 ноември 2020

Не биваше ни едно големо славје за еден извонреден и историски спортски успех да помине без традиционалната полит-патетика, националистички патос и будалаштини. Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/3lGMZ
Fussball I Mazedonien v  Georgien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од толку што ја описменивме Европа, ние на крај останавме неписмени, ми вели една пријателка коментирајќи ги изблиците на простаклук и патетика кои до доцна во ноќта се емитуваа низ етерот: од она што се нарекува јавен сервис до скопскиот плоштад и натаму по социјалните мрежи.

Дали спортските успеси се толку ретки, па не сме научиле ни да им се израдуваме како што треба? Можеби е во прашање тренинг, фрустрации, некултура...? Но, колку спортски успеси ќе бидат потребни за конечно да се надмине оваа шизофрена состојба во која Барди, Муслиу и Елмас им додаваат на Пандев, Несторовски и Тричковски, и обратно, се до победоносниот гол, а потоа сите заедно се радуваат на големиот успех, додека публиката во еуфоричен занес од победата пост-фестум им брои крвни зрнца?

Разбирам јас дека е секогаш во прашање некое „малцинство“. Ама се нешто имам впечаток дека додека малцинството не тормози, „мнозинството“ му аплаудира и задоволно се смешка од страна.
Разбирам и дека сиромаштијата, бесперспективноста, чувството на обесправеност понекогаш бараат вентил за празнење, па спортот е често арената во која се „троши“ таа негативна енергија. И тоа е донекаде разбирливо кога главните актери се адолесценти и тинејџери. Но, не се.

Од МТВ одамна ништо не ме шокира, затоа што не ја гледам. Токму за да не ги слушам изблиците на национализам и квази- патриотизам на „просветителите“ кои ја описмениле Европа. Чиниш описменувањето е процес во кој давањето ум го испразнува „учителот“ и од основна пристојност. Топката таму одамна не се тркала ни на спортски натпревари. Таму гените ги дриблаат противниците до бесвест, а потоа е доволно и едно чисто крвно зрнце да им забие гол на шашардисаните негатори и да им врати за сите неправди. Се до Букурешт!

Арно ама, од социјалните мрежи бегање нема. А таму, тие исти „учители“ се илјада пати мултиплицирани и ги има насекаде. Таму се слави голот на Пандев со исто толкав жар како и еманципаторските пораки на „спортските“ коментатори.
Гледав и како го навредуваа репортерот на ТВ21 Фуркан Салиу пред плоштадот во Скопје затоа што бил „шиптарски шпион“. Сигурно не сакал да стои мирно, како цела Европа, додека свири химната. Онаа де, што ја описменивме. Си заминал човекот дома, напиша подоцна на социјалните мрежи, и така му се израдувал на успехот.

Единствено ме смири веста на една друга телевизија дека, замислете, сите репрезентативци се обединиле пеејќи ја „Излези момче...“

После ова, нема назад, си реков. Се обединивме! Арно ама ги заборавив Бугарите. Бидејќи, чуму ни е пласман на Европско првенство ако и тие се таму? Ние сме во Европа, вие седете си во ЕУ, слепци едни. Нема врска што после многумина се насладуваа на „кромид“ честитката од Захариева како на признание на историската вистина. 

Фудбалот, и спортот во целина, навистина има моќ да обединува, да помирува, да лекува рани создадени од етнички, верски, па и историски конфликти и спорови. И има такви примери безброј низ светот. Само во Македонија, се чини, секој спортски успех, колку и да е редок, предизвикува нови поделби, кавги и недоразбирања. Така беше кога се славеа кошаркарите, и на трипати ракометарите. Како сите да чекаат некаков успех за да ги испразнат гневот и фрустрациите, наместо едноставно да се израдуваат.
Бидејќи која е логиката Пандев да дава голови, ако ти не можеш прописно да го испцуеш комшијата!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема