1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за признавање на возачките дозволи

БГ
16 февруари 2018

Според извори на Дојче Веле, постигнат е договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи. Се очекува договорот наскоро да стапи во сила, иако никој не сака да прогнозира кога точно тоа би можело да се случи

https://p.dw.com/p/2soUZ
Autonomes Fahren
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Билатералниот договор меѓу Македонија и Германија за меѓусебно признавање на возачките дозволи начелно е постигнат, велат извори на ДВ. Останува да се отстрани уште една пречка, и потоа, македонските државјани кои живеат или работат во Германија наскоро ќе можат да ги заменат своите матични возачки дозволи за германски.

Тоа е особено важно како за македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и за оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит- што чини и пари и време.

Државите од Балканот кои не се членки на ЕУ потпишуваат билатерални договори со Германија за регулирање на ова прашање. Србија и Босна и Херцеговина веќе извесно време имаат такви договори, но Македонија немаше.
Преговорите меѓу надлежните министерства во Берлин и Скопје околу меѓусебното признавање на возачките дозволи траат повеќе од една деценија, од 2007 година. Иако во јавноста имаше многу претпоставки околу тоа која е причината за одолговлекувањето, дознаваме дека клучниот проблем бил на македонска страна. Имено, проблем е лекарското уверение кое во Македонија се бара за полагање на возачки испит, а во Германија такво правило не постои. Сега се прават напори таа пречка да биде отстранета, а МВР бара начин како да го повлече тој услов. Останува македонските министерства за транспорт и внатрешни работи, од една, и германското министерство за сообраќај, од друга страна, да го детализираат текстот на билатералниот договор, и тој конечно да се потпише. Од македонското МВР попладнево за ДВ потврдија дека „постапката за потпишување на Заедничката декларација за намера за процедури за замена на возачки дозволи  е во завршна фаза“. Во МВР очекуваат последното отворено прашање да биде решено на координативен состанок закажан за в понеделник 19 февруари. 

Оттаму уште велат дека заедничката декларација која ќе биде потпишана со Германија не подложи на ратификација, па оттука договорот ќе стапи на сила на денот на неговото потпишување. 

Führerscheine
Македонското МВР долго време инсистирало германските државјани кои сакаат да им се признаат возачките дозволи во Македонија да полагаат психолошки тест.Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонските иселеници во Германија минатата година покренаа и онлајн- петиција со цел да се забрза постапката за признавање на возачките дозволи. Бројот на македонски државјани кои живеат и работат во Германија во изминативе години достигна 100 илјади. Голем број од нив се соочуваат со проблеми во секојдневието и во извршувањето на работните задачи поради тоа што немаат валидна возачка дозвола. Полагањето за нова, германска, возачка дозвола во просек чини околу 1.500 евра.