Македонија и Албанија не очекуваат пролонгирање на нивниот прием во НАТО
29 август 2007Поддршката од САД и претседателот Џорџ Буш, дадена неодамна на тројцатат премиери на смамитот во Тирана, е јасен сигнал за нашите реални амбиции и надежи за заедничко членство во НАТО, на Албанија, Хрватска и Македонија односно така наречената Јадранска тројка. Висок владин функционер, за Дојче Веле вака одговори на информациите од Брисел дека можната косовска криза би предизвикала само Хрватска да добие покана за членство 2008 година, а Албанија и Мaкедoнија да почекаат уште една до две години.
„Досега не смe добиле такви најави. Сметам дека Македонија е исправена пред најсериозната шанса да добие покана за членство во НАТО.“ официјално реагираше шефот на дипломатијата Антонио Милошоски.
Како шпекулативни се оценети информациите за евентуално пролонгирање на приемот на Македонија и Албанија поради Косово, кажаа на заедничка прес конференција министерот за одбрана на Македонија Лазар Еленовски и заменикот министер за одбрана на Албанија Петрит Карабина.
Македонија влегува во својот девети циклус за подготовка за во НАТО, рече Еленовски
„Мислам дека сме спремни да влеземе сосема подготвено во цел тој процес. Добро е да во одредени области во овој период од шест до седум месеци покажеме прогрес. Ние тоа во одбраната ќе го направиме, имаме конкретен план. Исто мислам дека ќе сторат и другите сектори во државата.“
Геополитичката ситуација има влијание на финалниот статус на Косово но тоа нема директна поврзаност со амбициите на двете земји рече Петрит Карабина „Нашите земји се обидуваат да се подготват и добро напредуваме пред самитот на НАТО.“ вели гостинот од Тирана.
На церемонијата во скопската касарна, покрај министрите присуствуваше и американската амбасдорка во Македонија Џилијан Миловановиќ, таа сепак ги одбегна новинарите, по информациите кои дојдоа од Брисел, за нова формула еден плус два, односно прво прием на Хрватска а потоа Македонија и Албанија по решавањето на статусот на Косово .