1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија и Албанија веќе сега се добри соседи„ – интервју со Линдита Арапи

Нада Штајнман21 декември 2005

Со денешното интервју на неделата ја отвораме серијата разговори со публицисти од земјите соседи на Македонија.

https://p.dw.com/p/Aca8
Албанец на изборен митинг
Албанец на изборен митингФотографија: AP

Со нив разговараме за сликата за Македонија и Македонците што владее во соседните земји, за клучните проблеми во билатералните односи и за перспективите за нивно надминување во рамки на европските перспективи. Во денешното интервју Нада Шатјнман разговара со Линдита Арапи, публицистка и новинарка во албанската програма на Дојче Веле.

Прашање 1:

Госпоѓо Арапи, неодамна за време на Вашиот престој во Албанија, Вие меѓу другото го разгледувавте ставот на луѓето таму за Македонија. Етничките судири во Македонија во 2001-та секако влијаеа врз расположението на едните кон другите и тоа во обете земји. Дали нешто се изменило во меѓувреме во Албанија во поглед на расположението кон Македонија?

Арапи 1:

Морам да кажам дека во секој случај нешто се изменило и многу ми е драго што за време на оваа посета на Албанија доживеав колку позитивно албанските медиуми одреагираа на пример на посетата на македонскиот Претседател Црвенковски. Сметам дека тоа не е поврзано само со фактот што Црвенковски изрази готовност да и‘ помогне на Албанија во кризата со снабдувањето со електрична енергија, туку сметам дека во последните години општо на Македонците се гледа позитивно во Албанија. Тоа најмногу се должи на фактот што албанската јавност преку анализа дојде до заклучок оти гласот на Албанците во Македонија се слуша, има слух за нивните грижи и потреби. Така може да се каже дека преовладува мислењето оти Македонците и Албанците се веќе добри соседи.

Прашање 2:

Кога се набљудува ситуација повеќе векови наназад, каква слика имаа Албанците за Македонците? Каква улога при тоа има фактот што Македонците се од словенско потекло? Дали и религијата исто така игра некаква посебна улога? Дали ваквите разлики придонесуваат за создавање слика на непријател?

Арапи 2:

Мислам дека Албанците од Албанија не ги набљудуваат Македонците преку призмата на непријатели. Имаше одредени недоразбирања беше акутен проблемот со Албанците во Македонија, но никогаш не би ја споредила сликата за Македонците, со онаа што во Албанија постои за Србите. Поради настаните од минатото сликата за Србите страдаше многу повеќе. А онаа за Македонците повеќе ја карактеризира сликата на мала земја, која исто така како и Албанија се обидува да се интегрира во Европа.

Со радост прочитав дека еден познат албански филозоф и публицист Артан Фуга направи добра анализа откако Македонија ја доби согласноста за кандидатскиот статус, во која вели: Албанија сега треба добро да ги отвори очите и да не гледа на соседот со завист. Македонците успеаја, но тие исто така многу што сторија за тоа. Сега мораме да гледаме што можеме ние да направиме.

А што се однесува до прашањето за улогата на религијата, мислам дека таа не игра толку голема улога, бидејќи Албанците муслимани кои живеат во Албанија се многу отворени

муслимани и затоа религијата не игра некоја голема улога.

Прашање 3:

Да останеме кај ова „многу отворени муслимани„. Во принцип мислам дека сте во право, бидејќи кога Албанците од Албанија доаѓаа во Македонија, тие им се чудеа на македонските Албанки на пример што носат долги мантили и шамии и што го покриваат дури целото лице. Каков е односот на Албанците од Албанија кон Албанците во Македонија?

Арапи 3:

Ставот кон Албанците во Македонија секако е под влијание на животот во две различни држави. Исто како и со оние во Косово. Ние треба многу што да надокнадиме временски. Можам да кажам дека во 90-тите години, кога дојдоа првите Косовари во Албанија, ние бевме многу зачудени. Ние се познаваме во смисол го имаме истиот јазик, истите корени, но различните историски околности во кои се развиваме не‘ создадоа поинакви едни од други. За нас во Албанија е на пример чудна изолацијата во која живеат другите Албанци. Во разговор со еден колега во Македонија дури ми стана јасно дека и Македонците кои доаѓаат во Албанија ја забележуваат таа разлика. Тие велат: па вие сте различни. Тоа е разбирливо кога се знае дека ние одевме по два различни пата. Ние во Албанија многу повеќе страдавме од комунистичката диктатура. А оние во Македонија, пак, бидејќи не беа прифатени како Албанци, многу повеќе ја развија самосвеста за своето албанство.

Прашање 4:

Би се навратила на неодамнешната посета на македонскиот Претседател Црвенковски на Албанија: говорот што тој го одржа таму беше многу добро прифатен. Што предизвика посебно внимание во јавноста?

Арапи 4:

Мислам дека во медиумите како главна тема се појави енергетската криза. На многу позитивно ехо наиде готовноста на Македонија да помогне во тешката ситуација и тоа не само како транзитна земја за снабдување со енергија, туку и во поглед на готовноста да развива одделни проекти со што Албанија би ја надминала таа тешка фаза. Втора тема беше Косово спроти почетокот на преговорите и готовноста на Црвенковски да го прифати секое решение за идниот статус, за кое ќе се договорат Белград и Приштина со помош на меѓународната заедница.

Прашање 5:

Обете земји и Македонија и Албанија сакаат во Европа, при тоа се наоѓаат во различни фази на процесот, но насоката е иста. Убаво е да се биде Европеец, но овие две земји ми се чини дека треба најпрво добро да излезат на крај една со друга. Сметате ли дека Македонија и Албанија се на добар пат на подолг рок да имаат добрососедски односи?

Арапи 5:

Јас тоа не го гледам во далечна иднина. Јас гледам веќе сега дека двете земји многу добро излегуваат на крај една со друга. И тоа е особено поттикнато со културната размена, со туризмот, има многу Македонци кои патуваат во Албанија. Затоа сметам дека едно од прашањата што наскоро треба да се решат е визниот режим од албанска страна. Македонците кои патуваат во Албанија имено мораат да платат виза. Тоа исто така беше на дневниот ред при посетата на Црвенковски и Албанија покажува готовност ова прашање да го реши во скора иднина. Но, јас сметам дека двете земји се на пат да станат, односно дека веќе сега се добри соседи!

Прашање 6:

Албнците на Косово, Албанците во Албанија и Албанците во Македонија таму и овде зборуваат ист јазик и имаат исти корени. Ние не знаеме како ќе се разреши прашањето на статусот на Косово, секако нема да биде лесно и едноставно. Сметате ли дека тој процес може да ги искомпликува односите меѓу балканските држави?

Арапи 6:

Опасност постои секогаш и за жал на Балканот националистичкиот начин на размислување не е искоренет. Но, можам да зборувам за албанската страна, во Албанија владее навистина таков дух на готовност сите отворени прашања да се решаваат по пат на дијалог, а не по пат на воени судири. И тоа е најдобрата подлога за односите меѓу двата народа да станат добри. Тоа се два мали народа на Балканот и историјата не‘ приближи едни до други и најдобро би било кога добро би се сложувале.

Прашање 7:

Госпоѓо Арапи, Вие со години се занимавате со улогата на жената во Албанија. Можете ли да извлечете паралели со положбата на жената во другите земји од регионот и може ли жената на Балканот да одигра посебна улога во поглед на добрососедските односи, на владеењето на мирот на Балканот?

Арапи:

Јас се занимавав со положбата на жената во Албанија и можам да кажам дека иако албанската жена добро успеа да се извлече од патријархалните шаблони, сепак во модерното општество за неа важат други видови на принуда за да може да создаде добар статус во него. Што се однесува до паралелите, сите земји на Балканот мораат да се носат со проблемите на посткомунистичките општествени структури. При тоа мора да се каже дека положбата на жената во комунизмот не беше толку лоша, бидејќи и на комунизмот му требаше потврда дека жената е еманципирана. Во тоа време жената во Албанија можеше да работи и имаше можност да учествува и во јавниот живот.

Она што е тешко е фактот што жените на Балканот и ден денес се соочени со општество во кое доминираат мажите. Жените се значи присутни во јавноста, но во споредба со жените на Западот, за оние од Балканот е многу потешко да го зацврстат нивниот статус во општеството.