1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги изнесе своите аргументи пред судот во Хаг

28 март 2011

Македонскиот правен тим денеска го заокружи усното излагање на аргументи во процесот против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Адвокатите ги отфрлаа грчките аргументи за нарушување на Привремената спогодба

https://p.dw.com/p/10j61
Фотографија: MIA

Македонија бара воспоставување на правна сигурност со која ќе се овозможи остварување на евроатлантските интеграции на земјата, побара ко-застапникот Никола Димитров на крајот од презентацијата на македонските аргументи во вториот круг од усната расправа по тужбата против Грција.

Димитров посочи дека Македонија ќе ја почитува одлуката на судот, каква и таа да биде, и нагласи дека ниту самиот судски процес, ниту исходот од него нема да влијае врз тековните разговори во однос на спорот со името. Димитов нагласи дека една од бројните отстапки што Македонија ги направила е прифаќањето да и се обраќаат со привремена референца, што, според него, е случај без преседан.

Британскиот правник Филип Сендс, утрово оцени дека настапот на Грција пред Меѓународниот суд на правдата било кажување приказни базирани врз митови и неосновани факти. Тој посочи дека Македонија има право самата себе да се нарекува со уставното име и тоа не претставува закана за никого, ниту доказ за иредентизам.

Судот е надлежен за спорот, тврдат адвокатите

Застапникот Пјер Клајн побара да се отфрлат тврдењата на Грција дека Меѓународниот суд на правдата не е надлежен за поднесената тужба од страна на земјата во врска со прекршувањето на времената спогодба. Според Клајн, спорот со името е одвоен од поднесената тужба и поради тоа ги отфрли тврдењата на Грција, според кои, со постапувањето по спорот, судот би се впуштил во одлучување по политичко прашање.

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Македонскиот правен тим во ХагФотографија: MIA

Коментирајќи ги десетте точки врз кои се темелеше грчката одбрана, американскиот правник Шон Марфи рече дека фактите дека Грција се спротивставувала на македонското членство во НАТО се очигледни.

Тој додаде дека и самата Алијанса укажува на Грција како на страна која се спротивставува на членството на Македонија. Марфи ги нарече грчките аргументи неверодостојни и побара Судот да утврди дека Грција со своето однесување во 2007 и 2008 година, свесно го прекршила членот 11 од Времената спогодба.

Предвидено е усната расправа да финишира в среда со настапот на грчкиот тим. По ова, судот ќе се повлече до донесувањето на конечната пресуда. Се очекува таа да биде соопштена најдоцна наесен.

Автор: БГ/макфакс/миа

Редактор: Симе Недевски