Интересот за вакцинирање наближува до 100 илјади граѓани
18 февруари 2021Речиси 56 илјади граѓани преку интернет-страницата Vakcinacija.mk и нешто помалку од 30 илјади преку своите матични лекари досега се пријавиле за вакцинација против Ковид-19 во Северна Македонија. Голем дел од пријавените, или вкупно 38 илјади лица, се над 70 години и припаѓаат во најризичната група на граѓани загрозени од коронавирусот.
Вакцинацијата во земјата започна вчера (17.02), а прва доза добија 202 здравствени работници кои работеле или работат со Ковид пациенти во Скопје. Од следната недела ќе се вакцинираат и здравствените работници во внатрешноста на земјата. Во текот на следната недела се очекува да пристигнат и преостанатите количини од ветените 8.000 дози од соседна Србија, а до крајот на истата и 200.000 купени вакцини од Кина.
Според Националниот план за имунизација, по вакцинирањето на здравствените работници, во првата група треба да бидат опфатени и вработените во лаборатории за тестирање и дијагностика, како и сите граѓани над 70 години. Во втората фаза ќе се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Во оваа група се и фармацевтите, стоматолозите, вработени во полиција, војска, парламент, Влада, новинари и сл. Во третата фаза ќе се вакцинираат сите граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.