Мадридско финале во Лигата на шампионите
1 мај 2014Фудбалерите на Атлетико Мадрид, исто како и нивниот градски ривал Реал, со победа на гостински терен се пласираа во финалето на Лигата на шампионите. „Јорганџиите“ синоќа во реванш полуфиналето во Лондон го совладаа Челзи со 3:1, доволно за конечен тримуф по нерешените 0:0 на првиот дуел.
Домаќините први дојдоа во водство преку Фернандо Торес во 36.минута. Пресвртот го најави Адријан пред крајот на првото полувреме. Диего Коста од пенал зголеми на 2:1, а победата за Атлетико ја потврди Арда Туран во 72.минута.
Тренерот на Челзи Жозе Мурињо на прес- конференцијата по натпреварот со Атлетико рече дека победникот го решија два моменти кои се случија во иста минута.
- Се беше одлучено во една минута. Голманот на Атлетико на неверојатен начин го одбрани ударот на Тери, а потоа во следниот напад гостите добија пенал. До тој момент натпреварот беше изедначен, а во одредени периоди ние бевме подобар противник, истакна Мурињо.
Португалецот додаде дека по примениот втор гол, неговите фудбалери паднале на психолошки план.
- По 2:1 ни беше многу тешко да се вратиме. Од тој момент на теренот играше само еден тим. Крајот на натпреварот беше многу тежок за нас. Атлетико покажа зошто е лидер во Шпанија. Честитки за нив. Ова што го прават е голема работа, посочи Мурињо.
Фудбалерот на Атлетико, Диего Коста оцени дека неговата екипа заслужила пласман во финалето.
„Двете мадридски екипи заслужија да бидат во финалето. Дадовме сѐ од себе за да дојдеме до финалето. Останавме мирни по голот на Торес затоа што знаевме дека со само еден гол можеме да направиме пресврт“, изјави Коста.
Реал Мадрид во вторникот го победи Баерн Минхен на негов терен со 4:0 и со вкупни 5:0 оди во финалето.
По овој исход од полуфиналните пресметки, во завршницата од елитното натпреварување за првпат ќе учествуваат два клуба од ист град. Реал Мадрид ќе се бори за јубилејната десетта шампионска титула, додека Атлетико Мадрид ќе игра за првиот наслов - европски првак.
Шпанското финале ќе се одигра во Лисабон, Португалија на 24 мај.