„Луфтханза“ приземјена
7 септември 2012Помошниот летечки персонал на германската авиокомпанија „Луфтханза“ денеска (07.09) го продолжува протестот со општ штрајк низ целата земја, кој започна ноќеска на полноќ. „Луфтханза“ поради тоа за денеска откажа над илјада од планираните 1800 летови. Од 24-часовниот прекин на работата на кабинскиот персонал ќе бидат погодени, според проценките, околу сто илјади луѓе. Другите авиокомпании и железницата ќе прифатат дел од патниците. Синдикатот на кабинскиот персонал, УФО, бара зголемување на платите од пет проценти и авиокомпанијата да се откаже од основање нови фирми каде ќе се плаќаат помали плати.
„Луфтханза“ нуди зголемување на заработувачките за 3,5 насто, како и откажување од работните договори на одредено време и од откази во случај на потреби на претпријатието. За возврат, кабинскиот персонал треба да работи два часа повеќе или да прифати помал надомест за прекувремените работни часови.