1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луда вечер за Волфсбург, горчлива за Клоп

Андреа Кригер / Е.М. Фиданоска31 мај 2015

„Се чувствувам лудо“, изјави тренерот на Волфсбург Дитер Хекинг по победата во финалето на Купот против Борусија Дортмунд. Победивме, но тоа го заслужи и колегата, вели Хекинг за Јирген Клоп, кој вчеравечер рече „збогум“

https://p.dw.com/p/1FZeQ
Фотографија: Reuters/Fabrizio Bensch

Дитер Хекинг гледа во насобраните новинари по малку прашално. Не знае дали вицот што го кажал е добар, дали ќе „помине“ кај новинарите. На лицето му се чита радост поради победата со „волците“ во Купот. Горд е на првата титула на 50-годишна возраст, горд е на извонредниот тим кој стои зад играчите. Но, по малку е и зачуден од јасната победа над Борусија Дортмунд и малку жали што му го расипа збогувањето на Јирген Клоп.

Wolfsburg-Trainer Dieter Hecking mit DFB-Pokal
Дитер ХекингФотографија: picture-alliance/dpa

Затоа тренерот на Волфсбург вели дека Јирген сигурно повторно ќе се врати на фудбалската сцена и потенцира дека веќе се радува на неговото враќање. На крајот дополнува дека целата бука на Јирген Клоп му дошла премногу, се‘ треба да се врати повторно во нормала.

Клоп, во времето на одржување на прес-конференцијата, одамна го имаше напуштено берлинскиот Олимписки стадион. Не оди на прославата за Купот, туку на својата проштална вечер, рече Клоп минувајќи покрај новинарите. Се разбира дека сака да биде таму.

Тешка разделба

Својот последен натпревар како тренер на Борусија Дортмунд Клоп сигурно поинаку си го претставуваше. Сонуваше гласно за возењето во камион околу плоштадот во Дортмунд, заедно со своите играчи и многу верни навивачи на Борусија по победата во финалето на Купот. Постојано повторуваше дека се радува на такво нешто. Но не успеа. Трите противнички голови за 15 минути им ја расипаа радоста на играчите на Дортмунд и покрај водството во 5. минута. Тука ништо не се промени до крајот, и покрај шансите за поинаков резултат.

DFB-Pokal Finale Borussia Dortmund gegen VFL Wolfsburg Juergen Klopp
Јирген КлопФотографија: Reuters/Ina Fassbender

За време на целиот натпревар Клоп беше мирен. Харизматичниот тренер не мавташе со рацете, не скокаше, не врескаше, не се караше. Стоеше сосема мирно на своето место покрај линијата. Во последните 10 минути, кога стануваше јасно дека поразот наближува, уште подлабоко ги зари рацете во џебовите и одеше горе-долу покрај клупата. Капата на Борусија Дортмунд му беше навлечена длабоко на лицето. Делуваше како веќе да не е сосема тука, како со мислите да е заминат некаде на друго место. Или едноставно беше само безмерно разочаран.

Навивачите мораа по завршувањето на мечот навистина орно да го извикуваат неговото име за тој полека да им се приклучи и да аплаудира. И ништо повеќе. Веројатно во тој момент сакаше само да биде сам. Зашто разделбата беше тука. Чувствата можат да бидат ужасни, да создаваат болка. Не му беше утеха ниту извикувањето на неговото име. „Болката поради разделбата е голема“, рече видливо сентименталниот тренер. И веќе најде позитивен ефект од поразот - сега критериумите веќе нема да бидат толку високи.

DFB-Pokal Finale Borussia Dortmund gegen VFL Wolfsburg Juergen Klopp
Каде ќе тргне Клоп?Фотографија: Reuters/Ina Fassbender

Притоа мисли на својот наследник, новиот тренер Томас Тухел. Клоп постојано предупредува да не се прават споредби, зашто тоа ќе ги расипе сеќавањата и ќе ја отежне иднината на клубот. А во добра иднина на Борусија Дортмунд Клоп верува поради добрата база, посебните навивачи, екипата, тимот во позадина и новиот тренер.

Кво вадис?

А тој лично? Клоп доби многу добри совети за тоа како да го минува своето време во блиска иднина. Но тој не би бил Јирген Клоп ако не би одел по пат кој е карактеристичен само за него. А во моментов не би сакал да зборува за тоа. Дали ќе се одмори? Дали тоа може да му успее на човек кој е оженет не само со својата сопруга, туку и со фудбалот? Или можеби ќе замине во Англија?

Клоп има добар имиџ, не само во Германија, туку и во меѓународни рамки. По седум години во Дортмунд се разви во многу добар тренер. Понекогаш прегласен, понекогаш дрзок, но секогаш добар другар. Човек кој знае добро да се „продаде“. Да му оставиме време за да видиме каде и кога повторно ќе „удри“. Тоа е само прашање на време.