1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лоја Џирга ќе решава за договорот Авганистан-САД

БГ/миа21 ноември 2013

Утврдени се условите од договорот за безбедност меѓу САД и Авганистан, но останува истиот да биде потврден од племенското собрание на Авганистан. Американците добија имунитет.

https://p.dw.com/p/1ALig
Фотографија: Reuters

Американскиот државен секретар Џон Кери синоќа соопшти дека со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ги договорил условите на спогодбата за безбедност меѓу САД и Авганистан. Кери притоа нагласи дека на разговорите воопшто не било разгледувано прашањето за евентуалното американско извинување до Авганистан. Кабул, од своја страна, го објави текстот на предлог-договорот, со кој се овозможува останување на американски војници во Авганистан и по повлекувањето на силите на НАТО на крајот на 2014 година. При тоа е договорено американските војници да имаат имунитетот од судско гонење, барање на САД кое претставуваше една од главните пречки во преговорите меѓу двете земји.

„Ги договоривме условите (на спогодбата) кои ќе бидат предложени на одобрување пред Сеавганистанскиот совет на племенски старешини - Лоја џирга“, рече Кери.

Afghanistan Loya Jirga 16.11.2011
Лоја Џирга во 2011 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Собирот на Лоја џирга започнува денеска во Кабул и ќе трае до недела. На средбата ќе учествуваат околу 2.500 претставници на авганистанското општество. Ако договорот биде одобрен, авганистанските сили ќе можат да сметаат на американската поддршка и по повлекувањето на 75.000 војници на НАТО, со што се очекува да биде спречено избувнување на насилство во земјата. Советничката за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама, Сузан Рајс, вчера изјави дека САД не планираат да му се извинуваат на Авганистан за „грешките“ во оваа земја или за страдањата на цивилното население.