1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Loja Dschirga Afghanistan

16 ноември 2011

Советот на старешини во Авганистан, Лоја Џирга, од денеска почнува дебата за долгорочна воена соработка со САД. Трајно присуство на американски трупи, на дел од соседните земји, би им било трн в око.

https://p.dw.com/p/13BIj
Заседанието на Лоја Џорга во 2002 годинаФотографија: AP

Овој Лоја Џирга е десетти во историјата на Авганистан. Највисокиот совет се свикува секогаш кога земјата е исправена пред значајни одлуки. На последното заседание на Лоја Џирга, пред околу десет години, беше донесена одлука Авганистан, по падот на талибанците, да тргне по патот на демократијата. На актуелниот Лоја Џирга се поканети околу 2.300 делегати, кои ќе дебатираат само за една единствена точка - „дали Авганистан да склучи со САД договор за стратешко партнерство или не“, објаснува Хелалудин Хелал, од Лоја Џирга-комисијата во Кабул.

Долгорочно американско присуство

Деталите околу таканареченото стратешко партнерство досега не се објавени. Според информирани кругови, целта на САД е создавање повеќе воени бази во Авганистан. Во моментов, во Авганистан се стационирани околу 100.000 американски војници, но тие ќе ја напуштат земјата во наредните години, затоа што до 2014 година меѓународните заштитни сили ИСАФ треба да им ја предадат комплетно на авганистанските власти одговорноста за безбедноста во земјата.

Партнерство би требало на САД да им овозможи воено присуство во земјата и по истекот на рокот за повлекување на ИСАФ. Официјалното образложение гласи - се сака да се спречи Авганистан повторно да падне во рацете на талибанците и Ал Каеда.

Flash-Galerie Loja Dschirga
Веќе со недели различни лоби-групи се обидуваат да вршат влијание врз делегатитеФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Комплексни интереси

Многу соседи на Авганистан отфрлаат долгорочен ангажман на САД во Авганистан, објаснува експертот за јужноазиски прашања, Конред Шетер од Центарот за развојни истражувања во Бон: „Иранците се чувствуваат приклештени од американското присуство во Ирак и Авганистан. Пакистанците, кои имаат атомска бомба, се загрижени дека Американците би можеле некогаш воено да интервенираат во нивната земја.“

И Русија и Кина не се заинтересирани САД да има воени бази близу нивните граници, вели Шетер. Соседите на Авганистан, кои делумно се во непријателски односи, сакаат да го зголемат влијанието во Централна Азија. Една од причините за тоа е можен непречен пристап до овој регион и Авганистан, кои се богати со суровини, претпоставува експертот. Намера, што со трајно присуство на САД во Авганистан, сигурно би била тешка за остварување.

Делегатите под притисок

Поради сето тоа, значењето на ова заседание на Лоја Џирга е големо. Веќе со недели различни лоби-групи се обидуваат да вршат влијание врз делегатите, вели Халалудин Хелал. Тој нагласува дека стратешкото партнерство на Авганистан и САД нема да биде насочено против соседите, но ваквите тврдења се чини не можат да ги смират духовите на регионалните сили. Нивното директно и индиректно барање гласи: „Нема договор со САД“.

Symbolbild Abkommen zwischen den USA und Afghanistan
Американско-авганистански договор создава немир во соседствотоФотографија: DW

Авганистанската влада, дури и да сака, нема да има друг избор освен да се врзе тесно со САД, оценува експертот Шетер: „Американското влијание во Авганистан е огромно. Ако Американците речат - сакаме воени бази во Авганистан и за тоа плаќаат многу, тогаш само прашање на цена е кога Авганистанците ќе потклекнат. Сиромашната земја има и тоа каква потреба од овие пари.“

Сепак, стратешко партнерство во САД нема да му ги донесе на Авганистан посакуваната стабилност и благосостојба, барем не на краток рок. Експертите оценуваат дека противниците на оваа соработка ќе сторат се‘ за да ги спроведат своите интереси на Хиндукуш. На авганистанската влада ваквите дилеми и‘ се познати, но таа се чини се одлучила - од Кабул постојано се вели дека партнерство со САД ќе ја зацврсти долгорочно позицијата на Авганистан во регионот.

Автор: Ратбил Шамел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска