Лош ден за Израел и за Палестинците
18 март 2015Бенјамин Нетанјаху успеа. Со грандиозен финиш во изборната кампања му појде од рака да направи пресврт и да му донесе на Ликуд импресивна победа. Тој, буквално во последните часови, на самиот ден на изборите, успеа да ги придобие гласачите во десниот политички спектар. Успеа да го надокнади заостанувањето во анкетите кој беше прогнозиран последните недели и да го израмни резултатот со својот противкандидат Исак Херцог. Херцог околу полноќ веќе ја славеше наводната победа, заедно со својата блиска соработничка, поранешната министерка за надворешни работи Ципи Ливни и најави формирање нова влада, но во тој момент состојбата почна да се менува. Како минуваше ноќта, така стануваше сѐ појасно дека Нетанјаху ќе оствари дури и изразита предност. Со тоа ја потврди оправданоста на својот прекар „волшебник“.
Финиш со ширење паника
На самиот крај на предизборната кампања, свесен за лошите резултати во анкетите на јавното мислење, израелскиот премиер речиси во паника, не бегаше ниту од валкани трикови, па дури ни од кршење на изборниот закон. На самиот ден на изборите свика прес-конференција на која предупреди дека „Арапите масовно тргнале кон избирачките кутии“ за да ја спречат неговата изборна победа.
Иако таквите јавни настапи не се дозволени на денот на изборите, па медиумите воопшто не ја ни пренесоа прес-конференцијата, неговата порака брзо стигна до јавноста. Сигурно тоа придонесе многу гласачи да се предомислат во последен момент и да гласаат за Ликуд. Имено, за многу еврејски граѓани на Израел е незамисливо Палестинците со израелски пасош да можат решавачки да влијаат врз изборите во „еврејската држава“. И навистина, палестинското малцинство во Израел, кое сочинува околу 20 проценти од населението и 14 проценти од бирачкото тело, излезе во голем број на гласачките места. Обединетата арапска лига освои 14 мандати и така стана трета по силина политичка групација во Кнесетот. Тој успех нема многу да го промени фактот дека Израел е длабоко усидрен во ултранационалистичкиот поглед на светот, според кој ни палестинското малцинство во Израел, ниту Палестинците на окупираните територии, немаат исти права како останатите граѓани на таа земја.
Откажување од концептот на две држави
Исходот од изборите во Израел ја забетонира меѓународната изолација на земјата. Бирачите се изјаснија за продолжување на досегашниот курс кој не води никаде и кој нема одговор на итните, егзистенцијални прашања за Израел и регионот. Нетанјаху, пред самите избори, најави дека ќе стори сѐ за да го спречи формирањето на палестинската држава. Тој јасен став претставува провокација за меѓународната заедница, но тој став му помогна да победи. Меѓутоа, израелскиот премиер не објасни како би требало да изгледа иднината. Тоа бирачите од него не го ни бараа. Очигледно е дека мнозинството Израелци и натаму се подготвени да владеат со друг народ и да не им го дозволат на Палестинците правото на самоопределување. Поинаку кажано: по 50 години, на окупацијата не и‘ се гледа крајот. За израелската демократија и за иднината на луѓето во тој регион исходот на израелските избори не е добра порака.