1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори во Хрватска: многу изненадувања...

Анѓелко Шубиќ | агенции
17 мај 2021

Успехот на Томислав Томашевиќ во Загреб е изненадување, но и јасен показател дека на граѓаните им е преку глава од досегашниот начин на раководење со градот. Од слични причини имаше изненадувања и во другите градови.

https://p.dw.com/p/3tUcr
Kroatien Sibenik Kommunalwahlen
Фотографија: Dusko Jaramaz/PIXSELL/picture alliance

Во главниот град на Хрватска, на дождливо време и среде корона-пандемија, на гласање излегоа 327 илјади граѓани, што е некаде околу 47% од избирачите. Само тоа покажува дека Загрепчани се решија темелно да го променат режимот на починатиот Милан Бандиќ. Тие веруваат дека ова може да го постигне Томислав Томашевиќ, кандидатот на платформата Можеме!. Поддршката за него е толку голема што во првите излезни анкети дури имаше двоумење дали воопшто ќе има потреба од втор круг.

Сепак на крајот Томашевиќ освои „само“ високи 45,15% од гласовите, а огромно разочарување доживеа досегашната заменичка на Бандиќ, Јелена Павичиќ Вукичевиќ.

Иако се очекуваше дека таа ќе успее барем да влезе во вториот круг, ја претрка „вечниот кандидат“ за разни функции, Мирослав Шкоро од Татковинското движење (12,1% наспроти 11,1%)

Kroatien Zagreb Tomislav Tomasevic
Томислав ТомашевиќФотографија: Sanjin Strukic/PIXSELL/picture alliance

По објавувањето на резултатите Шкоро изјави дека успехот на Томашевиќ е „одење кон екстремно лево и тоа ќе биде запрено, со божја помош“, но за успех во вториот круг кој е за само две недели навистина би му била потребна натприродна моќ. Од друга страна Томашевиќ порачува „ќе победиме, без да си ја продадеме душата“, што исто така може да биде избрзана порака.

За големи и длабоки промени во водењето на градот секако е потребна и целосна поддршка од Градското собрание, но таму платформата Можеме! мора да прави коалиција: тие освоија 40,83% од гласовите, по нив следи ХДЗ со 11,3%, Татковинското движење 10,59%, Партијата на работа и рамноправност, на Бандиќ освои 9,04%, СДП 8,88% и Мост 6,20%.

Сплит

И на Сплиќани очигледно им здодеа начинот на кој се раководи со градот, но тие не ја гледаат алтернативата во платформата Можеме! туку во кандидатот на Центар, Ивица Пуљак кој освои 26,82% од гласовите. Но нему се уште му претстои тешка битка со кандидатот на ХДЗ, Вик Мијановиќ кој освои 23,33% од гласовите.

Повеќе:

-Хрватска: Тигарот е мал, но буден

-Изненадувачки убедлива победа на владејачката ХДЗ

-Избори во Хрватска: Младите не ги интересира политика

Уште поголем проблем во Сплит ќе има во Градското собрание. Таму на прво место според освоените гласови е ХДЗ (23,27%) што е за 3% повеќе од Центар. Во сплитското собрание со сигурност влегуваат и ХГС на Керум (11,86%), СДП (9,76%) и Можеме! (9,54%), како и листата на Томислав Мамиќ (6,09%).

Риека

Додека и во Сплит на гласачките места излегоа околу 44% од гласачите, во Риека поголемиот дел решија да останат дома. Излезноста во овој град беше речиси 37% и покрај тоа што се бираше наследник на „вечниот“ градоначалник Војко Обреснел. Неговиот заменик и партиски колега од СДП, Марко Филиповиќ освои 30,25% од гласовите, но во вториот круг граѓаните ќе одлучуваат помеѓу него и кандидатот на група избирачи, Давор Штимац кој освои 16,1%.

Kroartien Vojko Obersnel Bürgermeister von Rijeka
Војко ОбреснелФотографија: Nel Pavletic/PIXSELL/picture alliance

Ќе биде шарено и во риечкото Градско собрание. СДП има освоено 28,5% од гласовите, ХДЗ 16,3%, ПГС 8,62%, Можеме! успеа да добие 7,64%, и последна е Акција на младите со 5,58%.

Осиек

Исто како што во „Црвената Риека“ традиционално се води натпревар меѓу левото политичко крило, така во Осиек се води борба помеѓу кандидатите на десницата. Како и што се очекуваше Иван Радиќ од ХДЗ освои 38,69% од гласовите, но тој во вториот круг ќе мора да се натпреварува со бизнисменот и заеднички кандидат на Татковското движење и Мост, Бериша Млинаревиќ кој освои 19,63%.

Радиќ е уверен дека граѓаните во вториот круг ќе го изберат за градоначалник, исто како што и Иван Анушиќ е уверливо избран за жупан на таа жупанија веќе во првиот круг. Од друга страна Млинаревиќ очекува дека „ќе се победи злото кое му се случи на Осјек“ и празните ветувања кои ХДЗ со години му ги дава на овој пропаднат град.

И во другите градови низ Хрватска имаше изненадувања, но во основа при гласањето пресудни беа желба за поголема транспарентност, незадоволство од непотизам во политиката, корупција.. Пред се се чини дека главниот град на Хрватска ќе има можност да покаже дали воопшто може поинаку.