1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локалната службена повеќејазичност во Македонија - незавршена приказна

Свето Тоевски13 септември 2014

Во Македонија 31 општина како службен користи барем еден јазик на немнозинска етничка заедница, а во некои македонскиот намалено се користи. Се бара прецизирање на локалната службена употреба на немнозинските јазици.

https://p.dw.com/p/1DBhX
Фотографија: Fotolia/ThorstenSchmitt

Во 27 од 31 повеќејазнична општина албанскиот јазик е во службена употреба. Во службена употреба на локално ниво се и турскиот, српскиот, ромскиот, влашкиот и бошњачкиот јазик. Во 22 општини се употребува еден јазик на немнозинска етничка заедница како службен, во 7 општини се употребуваат два немнозински јазика, а во две општини е пропишано да се користат дури три такви јазици. Осум општини имаат воведено јазик на одделна немнозинска заедница како службен, иако таа претставува помалку од 20 отсто од населението. Овие факти се содржани во студијата „Локални јазични политики за немнозинските етнички заедници - можности за поефективна примена“, која ја изготви „Институтот за демократија“ од Скопје. Но, во последно време нешто „чкрипи“ во македонскиот модел на локална повеќејазичност, без оглед што е вака „широко скроен“, токму за да се овозможат меѓуетничкото разбирање и користењето на уставните права на малцинските етникуми за изразување на мајчиниот јазик. Дојче Веле го праша Јован Близнаковски, автор на споменатата студија и истражувач во Институтот за демократија: каква е службената примена на немнозинските јазици на локално ниво?

Скопје и Гостивар предничат со спроведувањето на службената повеќејазичност“

Близнаковски вели: „Во повеќе единици на локалната самоуправа често заостанува примената на немнозинските јазици во праксата, иако тоа е формално-правно дефинирано. Во сите општини, без исклучок, постојат значителни недостатоци. Градот Скопје и општината Гостивар се стигнати најдалеку во спроведувањето на законските рамки и пропишаните правила. Овој заклучок е изведен врз основа на областите во кои немнозинските јазици можат да се употребуваат; но и според бројноста на персоналот, кој го вработуваат заради преводи. Во Градот Скопје дури и одделни јавни претпријатија овозможуваат употреба на албанскиот јазик во комуникација со граѓаните, што е реткост во останатите општини. Гостивар, исто како и Град Скопје, споредено со другите општини, има повеќе луѓе за преводи, и ја прошири сферата на употреба на јазиците во комуникација со јавните претпријатија. Гостивар покажува понапредна употреба и на турскиот, иако е јазик на заедница со помалку од 20 проценти од населението“.

Според тврдења на одделни граѓани во општината, „веб-страницата на општина Гостивар не секогаш и не редовно ги објавува на македонски јазик пишаните информации и други важни информации за активностите на локалната самоуправа, како што тоа се случува секогаш и навремено на албански јазик“. На официјалните интернет-страници и на низа други единици на локална самоуправа со доминантно албанско население официјалните информации се објавуваат исклучиво, или најчесто, само на албански јазик. Македонскиот јазик или го нема, или информациите и другите материјали се скудни, задоцнети и со многу јазични грешки.

Mazedonien Gemeinderat in Gostivar
Советот на општина ГостиварФотографија: DW/S. Toevski

Во врска со ова Близнаковски истакнува: „Употребата на македонскиот јазик заостанува во одредени општини каде што градоначалникот, администрацијата, како и мнозинството граѓани, се припадници на друга етничка заедница. Постои незадоволство кај албанската политичка елита од начинот на употребата на албанскиот јазик и тоа се ’надоместува’ со ваквиот однос кон информациите, кои се истакнуваат на македонски, на места каде што може тоа да се прави, односно, во институции управувани од Албанци. Тоа е некој вид на спирала, која се продлабочува и од која никој нема корист. Се повторуваат старите несогласувања“.

Градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта нагласува: „Немаме проблеми во врска со спроведувањето на службената употреба на трите службени јазици. Секој си зборува на својот мајчин јазик како што му сака душата. Главно е да се разбираме и работата да оди напред во интерес на општеството и на Гостивар. Во Македонија пари се даваат за репрезентација, за културно-уметнички друштва, за спорт, а зошто да не може да се трошат и за преведување од еден на друг јазик? Кога се употребуваат рамноправно сите јазици има почит и напредок. Не смее да има пропусти при застапеноста на македонскиот јазик на интернет-страницата на општина Гостивар. Околу тоа не смее да има пропусти. И да имало такво нешто, тоа било случајно. Од утре ќе издадам наредба тоа повеќе да не се случува. На нашата интернет-страница имаме информации не на три, туку на четири јазици, вклучувајќи го и англискиот јазик“.

„Не е проблемот во употребата на албанскиот, туку во неупотребата на македонскиот јазик“

Nevzat Bejta
Невзат Бејта, градоначалник на ГостиварФотографија: DW/S. Toevski

Научниот советник во Институтот за македонски јазик во Скопје Симона Груевска-Маџоска реагира: „Моментната ситуација на постапно, но постојано намалување на статусот на македонскиот јазик води кон големо поместување во сите сфери на општественото живеење. Во повеќето држави постои политика на непризнавање на постоењето други етнички заедници и со самото тоа како службен се употребува само еден јазик, а во Македонија се загрозува македонскиот јазик како службен и како јазик на мнозинството. Не е проблемот во законската регулатива, туку во нејзиното непочитување. Државата, којашто е надлежна за почитувањето на законите, треба да си ја врши својата работа. Ова е редок случај во литературата од областа на јазичната политика, каде што, главно, се расправа за загрозени малцински јазици. Ваквата ситуација кај нас најмногу се должи на политички фактори. Силно го поддржувам правото на секој да го користи својот мајчин јазик и на официјално ниво, но не е проблемот во употребата на албанскиот или на некој друг јазик во Република Македонија, туку во неупотребата на македонскиот. За да се стави крај на сегашните манипулации, би апелирала до оние коишто ги пишуваат и ги донесуваат законите да се расчисти прашањето - што се подразбира под 'официјален јазик', 'службен јазик' и 'јазик во службена употреба'? Во законите постои конфузија во употребата на овие термини“.

Исто така, и професорот по локална самоуправа Агни Алиу од Штуловиот универзитет смета дека треба да се внесат измени во постојните закони, кои го регулираат локалното официјално користење на малцинските јазици, но во поинаква насока: „Неопходно е да се прошири правото за службена употреба на албанскиот јазик во Македонија. Главните принципи на уставот се донесени како што треба, но законите треба да се усогласат со него. Лошо е и тоа што законите тешко се применуваат“.

Од кои причини се констатира дека спроведувањето на локалните јазични политики е најслабо и најнепостојано во малите општини како што се Студеничани и Долнени?

Близнаковски одговара: „Овие општини се со помали буџети и не можат да си дозволат да вработат професионални лица, кои би вршеле преводи, како и да ги покријат останатите трошоци поврзани со спроведувањето на јазичните политики. Наместо тоа, преведувачките обврски ги извршуваат веќе вработените лица, кои не се професионални преведувачи. Локалните јазични политики повлекуваат одредени трошоци, кои помалите општини потешко можат да ги поднесат. Предложуваме државата директно од својот буџет да ги финансира тие мали општини, за да вработат таков персонал. Или, државата може да основа регионални преведувачки центри, кои би покриле повеќе општини. Така буџетот на општините нема да се оптоварува, а услугите ќе бидат непречено извршувани за граѓаните“.

Попрецизното регулирање на законската рамка за официјалното користење на немнозинските јазици и подоследното спроведување на локалните јазични политики, секогаш паралелно со македонскиот јазик, може да биде и „алатка“ за постигнување поголема меѓуетничка кохезија во земјата, наместо извор на конфликти. За тоа е потребна заедничка волја кај сите.