1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лицата со аутизам се одлични вработени

Џејмс Џексон
2 април 2019

Грета Тунберг, иконата на училишните протести за заштита на климата, вели дека не би станала тоа што е ако немала аутизам. На Меѓународниот ден за свесност за аутизмот, донесуваме приказни слични на нејзината.

https://p.dw.com/p/3G4HX
Deutschland Berlin SAP-Geschaeftsstelle
Фотографија: picture-alliance/dpa

Аутизмот засега еден отсто од популацијата. Иако можеби прва асоцијација е филмот „Дождовниот човек“ со Дастин Хофман - ликот кој го толкува има фотографска меморија и фантастично смета што го користи неговиот брат кој добива казна - поголемиот број од лицата со аутизам немаат никаква супермоќ. Но, претприемачите сфаќаат дека лицата со аутизам имаат особини врз основа на кои можат да бидат одлични работници.

Британската хуманитарна организација Аутистика наведува дека аутистите „главно се лојални и даваат поинакви увиди на работите. Постои многу неискористен талент кој отпаѓа поради традиционалните пристапи при вработување што прави во преден план да се појават слабостите на лицата со аутизам наместо нивните силни страни“.

Држат концентрација

Компанијата САП, најголем германски производител на софтвер, веќе 6 години ја спроведува програмата „аутизам на работа“ и вработува 150 аутистични колеги во 12 земји. Тоа беше пример за Мајкрософт и за ХПЕ кои во меѓувреме работат на слични проекти на вклучување.

Schauspieler Dustin Hoffman im Film Rainman
Дастин Хофман во улогата во „Дождовниот човек“Фотографија: picture-alliance/dpa

Компанијата за човечки ресурси ЕРЕ, која ја започна програмата во фирмата САП, во прв план ги истакнува „лојалноста, посветеноста и горливата желба“ на лицата со аутизам за да придонесат на компанијата. ЕРЕ додава оти вработените со аутизам „често имаат висок степен на внимание и слаба толеранција на грешки“.

„Успеавме да ги користиме ингерентните можности кои често се доведуваат во врска со лицата со аутизам, како визуелните вештини на учење како што се способноста да препознаат матрици и воочување на детали - тоа е способност да се воочат девијациите во податоците, информациите и во системите“, велат во оваа фирма.

Некои од вработените лица со аутизам особено се истакнале со тоа што се во состојба да држат висока концентрација кај темите кои ги интересираат. Бренда вели дека тие имаат повеќе шанси да се „фокусираат и работат страстно“ кога темите се поклопуваат со нивните интереси.

Аутизмот всушност е пореметување на спектарот - аутистичните лица имаат проблеми во социјалната комуникација и имаат ограничени интереси. Но, секое аутистично лице е свет за себе, бидејќи спектарот може да биде ограничен на разни начини. Многумина можеби сѐ уште не слушнале оти Грета Тунберг (16) која има аутизам - стана икона на протестот на учениците ширум Европа за заштита на климата. Таа аутизмот го опиша како „дарба“ која ѝ овозможува да „го види светот од поинаква перспектива“.

Марија, која има аутизам и работи како истражувач, вели: „Мојата емоционална емпатија ги опушта луѓето кои ги испитувам, можам да почувствувам и можам да читам говор на тело така што собирам многу повеќе податоци“. За разлика од просекот колеги (60 отсто), Марија има околу 90 насто успех со луѓето со кои разговара.

Hamburg Greta Thunberg Demonstration Klimaschutz Klima
Грета ТунбергФотографија: Reuters/M. Mac Matzen

Проблем со мобинг

Сепак, вработените со аутизам се соочуваат и со посебни предизвици кои треба да ги совладаат и не се чувствуваат пријатно во секое работно опкружување. На пример, Марија, иако има одлични резултати, имала проблем да се навикне на „бесмисленото штиклирање“, интерната политика на фирмата и на усните или писмените упатства кои не ги следи визуелна демонстрација.

Шарлоте, која работи во кориснички сервис, била цел на малтретирање од страна на еден колега, но не била во состојба да го изрази она што го чувствува пред претпоставените. Покрај тоа, вревата на работното место знаела во неа да разбуди анксиозност.

Значи, понекогаш на лицата со аутизам им е потребно прилагодување во работното опкружување. Но, адвокатската канцеларија Линклатерс Партнерс, која вработува аутистични лица, наведува дека сите тие прилагодувања се занемарливи во однос на „посебните способности и вештини кои тие ги носат во фирмата“.

Оваа адвокатска канцеларија соработува со фирмата Аутикон која посредува работници со аутизам. Аутикон ја основаше Германецот Дирк Милер-Ремис откако на неговиот син му е дијагностициран Аспергеров синдром, еден вид аутизам.

Фирмата има 5 претставништва во Германија, Париз и во Лондон и вкупно 200 работници кои се вработени во областите на природните науки. Поголемиот број луѓе кои доаѓаат тука претходно биле невработени подолго време, во просек 3 години.

Според разни проценки, дури и во западниот свет над 80 отсто од лицата со аутизам немаат работа или работат само повремено и малку. Затоа многумина се надеваат дека со истакнување на позитивните примери ќе се мотивираат сѐ повеќе работодавачи да вработуваат лица со аутизам, бидејќи им се потребни нивните вештини.