1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неформално решение за македонските политички ќорсокаци

Ненад Марковиќ
31 октомври 2017

Институциите на системот се третираат како последна фаза на формализирање на одлуките на лидерските средби т.е. исклучиво како механизам преку кој финално треба да се спроведе договореното.

https://p.dw.com/p/2mkrM
Johannes Hahn in Skopje
Фотографија: MIA

Кога зборуваме за политичките процеси во регионот на југоисточна Европа (пежоративно познат и како Западен Балкан) вниманието на политичката наука, но и на пошироката јавност, особено во последните декада и половина, од формалните се сврте кон неформалните институции преку кои се одвиваат политичките процеси и се решаваат политичките кризи кои не се малубројни кога е овој регион во прашање. И додека во политичката наука се популаризираше цела научна гранка која е позната како “informality” (неформалност), Република Македонија и целиот регион во политичката сфера продуцираа богати примери од оваа област кои можат да послужат како илустративни студии на случај во областа на неформалните политички практики. Политичката наука, но и општата јавност, многу брзо по отпочнувањето на политичкиот процес на веќе фамозната македонска демократска транзиција, согледа дека огромен дел од политичката борба не зависи само од институционалниот поредок и неговиот капацитет, туку дека главните политички процеси се излеваат вон институциите во разни политички формати кои стануваат детерминирачки фактор во политичката арена.

Лидерски средби, лек за сите болести

Сепак, најноторна а воедно и највлијателна неформална институција преку која во Македонија се решија скоро сите политички кризи од осамостојувањето до денес, се фамозните лидерски средби. Замислени како средби на политичките лидери на најмоќните политички партии, придружени понекогаш и со потесното раководство, тие преставуваа(т) основен modus operandi преку кој меѓународниот фактор успеваше да ги седне на маса лутите политички ривали за потоа да ги натера да дојдат до какво-такво политичко решение. Ако се погледне историјата на политичките кризи во Република Македонија ќе се дојде до заклучок дека популаризацијата на лидерските средби се случи во најголема мера во текот на преговарањето на Охридскиот рамковен договор, а потоа овој формат се искористи и за други прилики.

Mazedonien Nenad Markovic Politikwissenschaftler
Ненад МарковиќФотографија: Privat

Скоро без исклучок, иницијатор но и медијатор за време на лидерските средби е меѓународниот фактор, некогаш во форма на „емисари“ од Европската унија, локалните дипломати на земјите членки на ЕУ, преставници на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави или локални претставници на Амбасадата на САД во Скопје, европратеници, олеснувачи итн. Всушност, лидерските средби сами по себе ја подразбираат вмешаноста на меѓународниот фактор, феномен кој предизвикува крајно поларизирани мислења кај граѓаните во државата. Едни сметаат дека ваквиот формат на силно инволвирање на меѓународната заедница е нужен поради неможноста на политичките актери да дојдат до решенија преку веќе воспоставените институционални механизми.

Другиот, „суверенистички“ дел од јавноста пак смета дека ваквите средби се иритантна појава преку која меѓународната заедница врши политички притисок и непотребно се меша во внатрешните работи на Македонија, проследено со доза на непокриен и со ништо непотврден оптимизам дека и без меѓународната заедница би се излегло од политичките ќорсокаци на македонската политика.

Најинтересен аспект на лидерските средби е всушност нивната детерминираност како неформален механизам, што само по себе бара осврт. Пред сѐ тие не се дел од ниту една уставна или законска норма, ниту постои легислатива преку која се нормираат. Нема прирачник за нивно свикување, употреба или начин на работа. Од друга страна, тие се општоприфатен формат и во развиените демократии, но во многу различни ситуации и контекст од нашиот.

Лидерски средби при предизборно или постизборно политичко договарање за колицирање или формирање влада, градење позиции за важни национални прашања или партиски пазарења околу политичките позиции и „плен“ се сосема нормална работа и во ваквиот контекст лидерските средби доведуваат до решенија кои потоа „ги превзема“ институционалниот поредок, а политичкиот процес тече непречено преку веќе воспоставените механизми и практики.  Меѓутоа во нашиот контекст лидерските средби имаат за цел не да трасираат одеден политички пат кој потоа се одвива преку институциите на системот, туку се повеќе во функција на „контрола на штета“ во ситуации кои стереотипно почнуваат со бојкот на Собранието на некој од големите политички актери.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Замена за заспаните институции

Во оваа смисла, лидерските средби се во функција на откочување на политичкиот процес кој често доаѓа до точка на комплетен застој, а институциите на системот се третираат како последна фаза на формализирање на одлуките на лидерските средби т.е. исклучиво како механизам преку кој финално треба да се спроведе договореното. Институциите не се креатори на решенија и не учествуваат во нив, туку се само нем посматрач и канал преку кој формално се покрива договореното во еден неформален формат.

Ваквиот формат на лидерски средби, во веќе споменатиот контекст детерминиран од контрола на веќе направена политичка штета, по Охридскиот рамковен договор, се примени и за Законот за територијална организација во 2004 година, Мајскиот договор во 2007 година како и во последната политичка криза и популарниот Договор од Пржино, инициран од скандалот со прислушуваните разговори обелоденети во 2015 година. Без исклучок, во сите случаи имаше моменти на огромна политичка драма, поларизираност на општата јавност но и огромна ангажираност на меѓународната заедница на која, без разлика на нашата интимна политичка ориентација, мора да и се честита на трпеливоста и желбата за изнаоѓање на политичко решение.

Ако се земе предвид типологијата на Хелмке и Левицки од 2004 година, тогаш лидерските средби спаѓаат во групата на субститутивни неформални институции, кои настануваат во случаи на нефективни формални институции, но и конвергентни цели на формалните и неформалните институции. Конвергентната цел би била доаѓање до политичко решение во одредена ситуација, нешто кое со право може да се проблематизира, ако се имаат предвид поведенијата на одредени политички актери на македонската политичка сцена во последната декада и половина. Сепак лидерските средби имаат евидентно субститутивна функција, во услови кога самите институции, а особено Собранието како делиберативен и законодавен дом, не нудат опции преку кои политичкиот процес треба да продолжи да се одвива.

Kombibild Politiker Mazedonien

Краткорочна полза, долгорочна штета

Иако македонската политика не познава подобар формат од лидерските средби за излез од честите политички кризи, дилемата на нивните долгорочни штетни ефекти мора да биде отворена. Иако на краток рок лидерските средби се чинат како брз и ефикасен начин за изнаоѓање на политички решенија во услови на високо конфликтни политички актери и длабоко поларизирана јавност, нивната ексклузивност во решавањето на политичките кризи може да даде и нуспојави. Пред сѐ, политичките актери почнуваат да се потпираат на меѓународната заедница како извор на решенија за политичките проблеми, со што си го самонамалуваат демократскиот капацитет за изнаоѓање на истите во локалниот контекст. Второ, се создава долгорочна зависност од актерите на меѓународната заедница на политичката сцена во државата, со што се намалува капацитетот за интернализација на политичкиот процес. И трето, голем дел од решенијата произлезени до лидерските средби брзо се канализираат низ инситуциите на системот, што не остава простор на широка општествена делиберација и преиспитување на сите аспекти на овие решенија, од уставните до функционалните.

Сепак, додека политичката култура во Република Македонија не созрее и додека не се најде поадекватен формат за решавање на политичките ќорсокаци во државата, лидерските средби ќе останат најактуелниот формат на неформалната политика која ќе ги детерминира односите во нашето општество. Дали ќе се најде пат надвор од ваквата предетеминираност е само уште еден од предизвиците за политичките актери во периодот кој следи.

Проф. д-р Ненад Марковиќ член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.