1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија - слаб парламент, силни милиции

Ане Алмелинг / Александра Трајковска26 август 2014

Во Либија се водат најтешките борби по падот на долгогодишниот властодржец Гадафи. Новоизбраниот парламент има мало влијание, а милициите се борат едни против други. Политичкиот преоден процес е пред пропаст.

https://p.dw.com/p/1D1G2
Фотографија: DW/V. Stocker

Оклопни возила минуваат по пистата, темни облаци чад се издигаат над аеродромот во Триполи. Чекалниците се уништени, голем број згради во голема мерка оштетени. Со недели различни милиции се борат околу оваа важна сообраќајна крстосница во либискиот главен град. Сега исламистичкиот сојуз „Фаџр Либиа“ го освои аеродромот и ја уништи надежта за помирни времиња за северноафриканската земја. Имено, владата сѐ помалку успева да ја стави ситуацијата под контрола. Милициите воено се надмоќни над силите за безбедност, кои се во формирање. Гадафи значително ги имаше ослабено регуларните сили за безбедност и армијата во земјата, во полза на нему верните гарди.

Сега либиската влада не може да ги штити ниту улиците или јавните објекти, а за еден голем аеродром воопшто и не станува збор. „Меѓународен аеродром во главниот град на една земја е симбол на државност“, вели Волфрам Лахер, експерт за Либија во фондацијата Наука и политика во Берлин во разговор за ДВ. „Уништувањето покажува дека никој не ја контролира државата и дека страните во конфликтот се подготвени да уништуваат државна инфраструктура - за да спречат нивниот противник да профитира од тоа.“

Хаосот ќе биде поголем

Три години по падот на дологодишниот властодржец Моамер ел-Гадафи хаосот во Либија е сѐ поголем. Во 2011 година милициите заеднички се бореа против Гадафи. Но, по неговата насилна смрт тие се борат едни против други. „Станува збор за локални, вооружени групи, од кои во изминатите две години постепено се формираа алијанси“, појаснува Волфрам Лахер.

Дел од сојузот „Фаџр Либиа“, на пример, се милициите од Мисрата и други седишта од револуцијата во 2011 година, но и исламистички сили. Друга алијанса предводат милициите од Зинтан. „Зинтан исто така имаше водечка улога во револуцијата во 2011“, вели Лахер. „Но оттогаш групата постепено се оттргна од сојузниците во револуцијата. Тие сега соработуваат со конзервативните сили, како на пример федералистите на истокот, остатоци од старата армија и племенските елити - меѓу нив и групи, кои беа блиски до бившиот режим.“ Кон овој табор припаѓа и т.н. Национална либиска армија на генералот Калифа Хифтар, која од мај со променлив успех се бори против исламистичките милиции на истокот. Хифтар на крајот на 1980 прекина со Гадафи, по што долги години беше во егзил во САД и може да се потпре на дел од регуларни сили, посебно на воздухопловните единици.

Infografik Stammesgebiete in Libyen (Tribal areas in Libya)

Централната влада речиси е невидлива

Моќта на милициите е толку голема, што централната влада речиси не може да се препознае. Во јуни беше избран нов парламент, но него не го признаваат сите фракции. Исламистите на парламентарните избори постигнаа катастрофален резултат и потоа го прогласија парламентот за нелегитимен. Многу набљудувачи во офанзивата на милициите блиски до исламистите гледаат и обид да се ревидира поразот на изборите со насилство. „Парламентот во меѓувреме јасно се позиционираше против револуционерниот табор и силите во Триполи ги означи како терористи“, вели Волфрам Лахер и дополнува: „Важни политички сили го бојкотираат парламентот и со тоа тој не може да бара да ја има централната водечка улога“.

Поради насилствата во Триполи и во Бенгази парламентот заседава во градот Тобрук. Илјадници Либијци поради борбите во изминатите недели побегнаа пред сѐ во Тунис. Либија ја напуштија и многу дипломати. Претседателот на парламентот Акила Салех Иса побара реакција од Обединетите нации. „Сѐ уште чекаме со интервенција на меѓународната заедница да се заштитат Либијците и да се запре крвопролевањето“, изјави тој за телевизијата Скај Њус.

Се заканува граѓанска војна

Многумина набљудувачи сметаат дека ќе има граѓанска војна или ќе дојде до распад на земјата, која пред Гадафи долго време не беше целина. Дури во 1963 година дотогаш автономните области Триполитанија, Киренаика и Фезан беа обединети во централна држава. Либија беше создадена за време на италијанското колонијално владеење и во 1951 година од кралот Идриз доби независност. Денес е во опасност опстанокот на оваа државна единка, бидејќи станува сѐ појасно дека на владата и на парламентот им бега од раце контролата во многу области и градови во Либија - освојувањето на аеродромот од страна на „Фаџр Либиа“ е само еден пример.

„Има можност сега да се формира алтернативна влада и евентуално и алтернативен парламент во Триполи“, вели Волфрам Лаер. „Со тоа политичкиот преоден процес засега би пропаднал“. Соседите на Либија веќе стравуваат дека хаосот би можел да премине и во нивните земји. Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри на една средба со неговите колеги од Либија и други пет соседи на земјата побара зајакнување на либиската држава и разоружување на милициите.