1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Летната школа во Охрид - македонски прозорец кон светот

Милчо Јованоски
24 јуни 2017

Семинарот е мост меѓу искусните македонисти и младите учесници. Цели 50 години има значајна улога во претставувањето на македонската национална култура во светот. Соговорните за ДВ велат, така ќе биде и во иднина.

https://p.dw.com/p/2fJkV
Mazedonien Seminar für Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Mazedonien Seminar für Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanoski

На 22 декември, 1967 година, точно пред пет децении, советот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на предлог на Републичката комисија за културни врски со странство, го усвојува актот за основање на новата институција: Славистичкиот семинар. Неговите почетни цели и задачи биле да се запознае светската јавност со научните достигања во областа на македонскиот јазик, литературата и историјата, да се зближат научниците-слависти и да се даде поттик за развој на славистичката наука. Идејата за семинарот потекнала од академик Блаже Конески, ја поддржале повеќе професори од Филолошкиот факултет, а прв негов директор бил д-р Александар Спасов.  Пет децении подоцна директорката на семинарот, д-р Славица Велева, потсетува: „Во суштина нивната идеја ја реализираме по изворните определби. На странците им го презентираме сето она што е одлика на македонскиот идентитет. Преку она што нѐ држи, како што рече Конески: 'Јазикот е нашата татковина’, нашата татковина им ја пренесуваме преку нашиот јазик."

За пет децении на 4.000 учесници од сите континенти 

Магијата на македонистиката започнала скромно, со 20 учесници од десетина земји. Годинава  има 73 учесници од 20 земји, но за пет децении низ Летната школа поминале над 4.000 учесници од 50 земји од сите континенти. „Само 10 проценти од нив да останале во оваа област, тоа е голем успех што секоја држава би си го посакала. Допирот на културите нѐ носи до една заедничка култура – македонистиката. За златен период на семинарот се сметаат години од средината на 1970-тите, кога семинарот се одржувал цел месец со екскурзии до Битола, Крушево...“, додава д-р Велева.

Денес, Семинарот ги покрива следниве дејности: Летниот семинар во Охрид со Научната конференција, лекторатите по македонски јазик во странство, издавачката дејност...

Ако не постои јазикот, не постои и народот

Д-р Иван Доровски од Брно учествувал на првиот семинар во 1968, а и годинава е во Охрид. Тогаш бил асистент по македонски академски  јазик, држел лекторски вежби во Чешка, а сега е пензионер: „Мојот драг пријател, поетот Гане Тодровски, беше првиот кој ме извести преку писмо дека во Охрид ќе се отвора семинар. 'Ќе го води Спасов, јави се и дојди', ми напиша. Со Гане се запознавме четири години пред тоа, кога тој како млад поет дојде во Прага. Меѓу предавачите на првиот семинар беа и Видоевски, Поленаковиќ..."

Mazedonien Seminar für Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid Ivan Dorovski
Д-р Иван ДоровскиФотографија: DW/M. Jovanoski

Доровски се сеќава дека меѓу учесниците на првата година била и Зузана Тополињска од Полска, која и денес е активна во МАНУ.  „Нема народ без јазик. Ако не постои јазикот, не постои и народот. Секој народ што сака да опстои мора да го развива јазикот. Треба да го шири по светот. Не смее да се заборави дека од лингвистичката карта годишно исчезнуваат 200 до 250 јазици“, додава Доровски.

Приходот од пласирањето на македонскиот јазик, литература и култура е бесценет

Во еден период д-р Емилија Црвенковска беше прв човек на семинарот, а пред тоа и денес е редовен предавач:

„Она што семинарот го произведува е најрентабилен производ за Македонија. Приходот од пласирањето на македонскиот јазик, литература и култура е бесценет! Добивме бројни граматики, прирачници, речници, докторати, магистратури, научни трудови, монографии, пријатели и лобисти низ светот. Уште од почеток во Охрид доаѓаат имиња со исклучително значење за светската лингвистика како: Безлај, Аронсон, Голомб, Алтбауер, Мареш, Богдановиќ, Михаиловиќ, Галтон, Невекловски, Јенихен, Де Бреј и други“, вели таа.   

Д-р Црвенковска во рефератот посветен на јубилејот, пренесува две куси искажувања од еминентните слависти, учесници на првите семинари:  Моше Алтбауер (Ерусалим): Првпат воспоставив живи врски со Македонија и македонскиот народ, ги слушав предавањата на македонски, учествував во јазичните вежби, со еден збор: ми се даде „од самиот извор“ да се запознаам со особеностите на тој јазик, мошне различен по карактеристиките од другите словенски јазици.

Франтишек Вацлав Мареш (Виена): За нас, словенските слависти, нема потреба сега да ја разоткриваме Македонија – таа одамна ни е позната и блиска. Ама од поблиску да се запознае човек со неа, претставува доживување за цел живот.

Mazedonien Seminar für Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid Ljudmil Spasov
Д-р Људмил СпасовФотографија: DW/M. Jovanoski

Лекторот е културен амбасадор или конзул на земјата домаќин

Не беше лесно да се избега од сенката на Спасов постариот, вели неговиот син Људмил. Првиот мој ангажман како лектор беше 1977/78 година, во времето кога директор на семинарот беше д-р Томе Саздов, се сеќава д-р Спасов, помладиот: „Работата на лекторот е многу сериозна. Лекторот е културен амбасадор или конзул на земјата домаќин и треба да биде преку цел ден со студентите, како нивен постар брат или родител. За среќа, ние сме имале и имаме одлични екипи на лектори и тоа од младите луѓе и тоа се работи многу добро. Семинарот не е во лоша кондиција. Во иднина би требало да се формира тело кое ќе се грижи за лекторатите и да биде не само летна македонистичка школа и по примерот на Словенија или Словачка да се прошири преку цела година. Да се издаваат учебници за учење на македонскиот јазик, иако ги има, но сега се потребни на различни нивоа“, коментира д-р Спасов.

Треба да се почувствува духот на македонизмот

„Секаде во светот интересот за славистиката опаѓа. Но, ако им се понуди нашата приказна што е ексклузивна и богата не само за словенските земји и ако ние успееме да ја 'продадеме' многу лесно ќе можеме да се пробиеме во тие светски универзитетски центри. Не може некој да има само претстава од она што го чита и што го слуша за семинарот. Искрено би сакала секој што слушнал за семинарот да дојде да го посети. Додека не го почувствува духот на македонизмот што владее на семинарот, додека не види учесници од 20 земји како зборуваат меѓу себе македонски, како се радуваат на македонскиот фолклор и наука, сѐ додека не дојдат овде, мислам дека нема да имаат комплетна слика за семинарот", уверена е д-р Велева. 

Mazedonien Seminar für Sprache, Literatur und Kultur in Ohrid Slavica Veleva
Д-р Славица ВелеваФотографија: DW/M. Jovanoski

„Нашата задача во иднина ќе биде врз база на европските спогодби многу потемелно да се воспостават  потрајни лекторати. Некои од лекторатите ќе мора да се финансираат од самата држава што во светот е практика со цел да се зачува јазикот, литературата и културата. Не, ништо стихијно, туку сѐ како плод на континуитет“, вели д-р Спасов. 

Никој не може да стави вето на влезот на македонистиката на светските универзитети

„Во времето кога немаше интернет, електронска пошта, прашај го Гугл, види на академија еду и сл., нашиот контакт со професионалниот свет беше Семинарот. Македонискиот јазик денеска се учи на универзитетите од Москва до Чикаго, од Сиднеј до Токио. Никој не може да стави вето на влезот на македонистиката на светските универзитети. На сите истакнати македонисти од странство им должиме благодарност за несебичниот придонес што го вложија во афирмацијата на нашиот јазик, литература и култура, што ја истакнаа посебноста на македонскиот јазик во словенското јазично семејство“, заклучува д-р Црвенковска.