„Летечка провокација“ го прекина мечот Србија- Албанија
15 октомври 2014Мечот, кој се играше во изразито тензична атмосфера, заврши скандалозно откако дојде до масовна тепачка на фудбалерите, обезбедувањето и навивачи кои влегоа на теренот. Британскиот судија Мартин Еткинсон најпрво го прекина натпреварот и ги повика играчите да заминат во соблекувалните, а по подолга пауза беше одлучено мечот да не продолжува.
Клучниот инцидент се случи пред крајот на првото полувреме кога дрон на кој беше врзано знаме на голема Албанија прелета околу теренот. Еден од српските фудбалери го дофати, а кога албанските фудбалери се обидоа да му го одземат знамето дојде до тепачка во која се вклучија и навивачи.
„Се случи нешто што во моментов не можам да го сфатам“, изјави капитенот на српската репрезентација Бранислав Ивановиќ. „Од името на мојот тим, можам само да кажам дека сакавме да продолжиме и ги браневме албанските играчи на секој чекор на патот до тунелот“.
„Албанските играчи рекоа дека не се подготвени физички и ментално да продолжат“, изјави Ивановиќ.
Капитенот на албанската репрезентација Лорик Цана за албанската телевизија изјави: „Видов како ги напаѓаат играчите дури и внатре во тунелот, дури и од страна на обезбедувањето. Не бевме психолошки и физички подготвени да продолжиме да играме“.
Политичка провокација
Српската државна телевизија јави дека накусо бил уапсен Олси Рама, брат на албанскиот премиер Еди Рама, кој наводно управувал со дронот од своето место во ВИП ложата на стадионот. Засега нема официјална потврда на таквата информација, а „одговорност“ за управувањето со леталото презедоа и членови на навивачката група Шверцери од Скопје. Олси Рама бил ослободен по сослушувањето и заминал во Тирана.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека се работи за однапред подготвена „политичка провокација“.
„За мене главното прашање е како ќе реагираат ЕУ и УЕФА. Некој од Србија да развееше знаме на Голема Србија во Тирана или Притшина, за тоа веќе ќе се расправаше пред Советот за безбедност на ОН“.
Делегатот на УЕФА на мечот, Хари Бин изјави дека околностите биле такви што мечот не можел да продолжи.
„Сите видовте што се случи и јас не можам да коментирам кој е одговорен. Ќе го поднесам мојот извештај и УЕФА ќе реши што понатаму“.
Тензии и славје во регионот
Тензии, но и славје по мечот имаше во повеќе градови низ регионот. Во Тирана, Приштина, Тетово и Струга големи групи навивачи кои организирано го следеа натпреварот славеа со извикување пароли и палење факели, но поголеми инциденти не биле забележани. Во Митровица, групи навивачи се собрале од двете страни на мостот на Ибар, но големото полициско присуство спречило можни инциденти.
Австриската полиција доцна синоќа во Виена успеала да спречи поголем судир меѓу српски и албански навивачи. Албанските навивачи со камења и пиротехнички средства нападнале угостителски објекти на локални Срби, по што морала да интервенира и специјалната полиција.