Лек против тромбоза-во змиски отров?
10 октомври 2010Отровната змија со пругеста шара најчесто се наоѓа на дрвјата во Источна Aвстралија. Нејзината црна кожа е исшарана со светло кафени линии. Австралискиот научник Брајан Фреј можеше да почувствува на сопствена кожа што навистина може да предизвика нејзиниот отров:
„Откако ме касна змијата прво пет минути бев без свест. Додека се освестив другите компоненти на отровот имаа доволно време за да си ја завршат работата, хемијата на мојата крв беше сосема уништена. Беа потребни 18 часа додека да почне да делува противотровот што ми го дадоа лекарите. До тогаш за целото време крварев од раните што беа предизвикани од каснувањето. Крвта непрекинато капеше“, раскажува Брајан Фреј.
Сите состојки на змискиот отров не се отровни
Отровот на змијата спречил да дојде до згрутчување на крвта, заради што и раните не сраснале. Биохемичарот Јоханес Ебле од Франкфурт особено се интересира за различните видови на змиски отрови. Тој се обидува да пронајде лекови што ќе ја разредуваат крвта на луѓето за да не дојде до згрутчување на крвта. Отровот на змиите е составен од повеќе илјади различни молекули, но не сите се отровни. Некои од нив предизвикуваат смртен ефект само ако дојдат во контакт со други материи.
„Отровот на змиите содржи супстанци, кои исто така можат да предизвикаат згрутчување на крвта. Така еден дел од крвта се згрутчува во крвните садови, а друг дел истекува во ткивото. Со истекувањето на крвта во ткивото се намалува нејзиниот волумен во крвните садови и доаѓа до шок кај луѓето“, објаснува Ебле.
Дел молекули во отровот на змијата, пак, во комбинација со други материи можат да бидат многу лековити и не предизвикуваат контраиндикации:
„Природата имала милиони години време да создаде нешто многу ефективно, нешто што се врзува со соодветните рецептори. Затоа треба да учиме од природата и да се надеваме дека можеме да ги намалиме негативните споредни ефекти, кои ги има во сегашните лекови.“
Потрага по молекулата против згрутчување на крвта
Потрагата по супстанција, што ќе спречи згрутчување на крвта, е долгогодишен процес. Најважно е да се најдат молекулите, кои учествуваат во процесот на згрутчувањето. Кога човечкото ткиво ќе се повреди и доаѓа до крварење, повредените клетки лачат колаген. Колагенот, пак, предизвикува тромбоцитите да ја сменат својата форма и да почнат да градат еден вид пипци. Тие потоа се поврзуваат со пипците на други тромбоцити и прават мрежа. Токму оваа мрежа спречува да истекува крв од раната. Во отровот на змијата има материја, која ги блокира местата на тромбоцитите на кои делува колагенот и таму се вгнездува таа самата. На тој начин, шалтерот, кој вообичаено предизвикува згрутчување, се исклучува и станува нефункционален, а кај човекот доаѓа до добар проток на крв во телото. Меѓутоа, како од илјада молекули во отровот на змијата да се најде токму оној, кој ќе го блокира шалтерот за згрутчување на крвта?
Лекот на тестирање
За ова научникот Елбе и неговите колеги користат нова метода. Тие најпрво прават хемиски рецептори на колаген од тромбоцитите. Овие вештачки места за поврзување тие ги ставаат во отровот на змијата и тоа на едноставен начин:
„Исто како да одите на риболов. За тоа треба да ја имате вистинската мамка.“
Доколку на вештачките рецептори се закачат молекули од отровот на змијата, тогаш почнува следната фаза. Потоа, математичарите го симулираат однесувањето на молекулите на компјутер. Хемичарите, пак, треба да пронајдат дали овие молекули може и вештачки да се произведуваат. Но, пред да почне да се продава некој лек, треба да се направат уште голем број тестови врз животни, а потоа и врз луѓе.
Автор: Нилс Михаелис / Светлана Брик
Редактор: Жана Ацеска