„Легендарни“ први дами - Брижит Макрон е најновата
За многу претседателски палати или кралски куќи, првите дами се гаранција за гламур. Кој се истакнува со ексцентричност, а кој со ангажман? Брижит Макрон за многумина уште е непозната.
Француската нова прва дама: Брижит
64-годишната Брижит Макрон, позната и како „Биби“, ќе се всели во Елисејската палата со својот 24 години помлад сопруг. Поранешната учителка него силно го поддржуваше во изборната трка. На прашањето зошто Емануел токму сега треба да стане претседател, се пошегува: „Претставете си како ќе изгледам јас во 2020 година.“ Таа планира да се ангажира за запоставените млади луѓе.
Првата дама на САД: Меланија
Сопругата на новиот американски републикански претседател Доналд Трамп имаше многу време за да се подготви за својата нова улога. Словенката по потекло претходно вредно постираше селфи и фотографии од раскошниот ентериер на становите на Трамп на Инстаграм. Меланија допрва треба да се докаже како прва дама. Кој знае какви способности се кријат во неа?
Карла Бруни Саркози
По потекло Италијанка, Карла беше позната како модел и пејачка. Почнала да студира уметност и архитектура, но со 19 години ги прекинала студиите и се посветила на уметничка кариера. Во 2008. година таа се омажи за тогашниот француски претседател Никола Саркози. Карла Бруни Саркози и натаму важи за модна стилска икона.
Кралицата Ранија од Јордан
Повеќекратнатната мајка од 1999 година е јорданска кралица, сопруга на кралот Абдула Втори. Позната е по својот општествен ангажман во и надвор од земјата. Ранија учествуваше во демонстрациите против Исламска држава и најостро ја осуди терористичката милиција. За нејзиниот ангажман, германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година ја одликуваше со наградата Валтер-Ратенау.
Инкосикати ЛаМбикиза
Таа е кралица на Свазиленд, но само една од многуте, зашто кралот Мсвати Трети има повеќе жени. Кралицата ЛаМбикиза меѓутоа е таа која најчесто го придружува апсолутистичкиот владетел во официјални пригоди, привлекувајќи внимание со впечатливи фустани. Во својата земја таа силно се ангажира во борбата против ХИВ и сида.
Џеки Кенеди
Вдовицата на убиениот американски претседател Џон Кенеди до денес има бројни обожуватели. Жаклин „Џеки“ Бувие Кенеди потекнува од њујоршката висока класа и имаше француски корени. Таа и Џон Кенеди, со кого се омажи во 1953 година, секако беа најгламурозната претседателска двојка која било кога живеела во Белата куќа.
Грејс Кели
Од успешна холивудска актерка која настапуваше заедно со Гари Купер или Клерк Гебл, таа во 1956 година стана принцеза Грација Патриција од Монако. Според гласините, таа не била среќна во бракот. Наводно, таа дури изјавила дека денот на венчавката бил најлошиот во нејзиниот живот. Принцезата почина во 1982 година на 52 годишна возраст при автомобилска несреќа и - стана мит.
Имелда Маркос
Оваа дама привлече внимание со својата ексцентричност и стремежот кон луксуз. Поранешната убавица со години беше сопруга на Фердинанд Маркос, десеттиот филипински претседател, кој диктаторски владееше со земјата. Имелда Маркос стекна слава со својата рекордна збирка од повеќе илјади пара чевли од светски дизајнери.
Мишел Обама
Во 2009 година Мишел Обама стана првата прва дама со црна боја на кожата во историјата на САД. Дипломирала на Универзитетот Принстон и право на Харвард, но не е ценета само поради дипломите, туку и поради својот стил на облекување. Таа го придружуваше својот сопруг Барак Обама на бројните патувања и постојано изненадуваше со креативната гардероба.
Неостварен сон: „првото момче“ Бил Клинтон
Во американските медиуми многу се шпекулираше околу титулата на сопругот на жена-претседател. Екс-првата дама и губитничка на изборите во 2016 година, Хилари Клинтон, на шега го предложи изразот „прво момче“. Во секој случај, тоа би била соодветна титула за овој шармантен сопруг околу чие име се вртеа бројни скандали.