1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Леверкузен стави крај на серијата на Бајерн

Б. Георгиевски/ОФ/дпа29 октомври 2012

Се враќа неизвесноста во Бундеслигата, откако Бајерн Минхен го забележа првиот пораз сезонава во 9. коло. По смената на тренерот и Волфсбург конечно заигра според можностите. Борусија Менхенгладбах го шокираше Хановер.

https://p.dw.com/p/16YcQ
Фотографија: AP

По 9. коло веќе нема непоразени екипи во Бундеслигата. Изненадувањето на колото го приреди екипата на Бајер Леверкузен која нагости го совлада, досега, суверениот лидер на табелата Бајерн во Минхен со 2:1. Првиот гол го постигна Стефан Кислинг во 42. минута за водство на гостите. На 1:1 изедначи Марио Манџукиќ во 77. минута, а победата на „фармацевтите“ им ја донесе Боатенг со автогол во 87. минута. Тоа беше прва победа за Леверкузен во Минхен по пауза од 23 години.

Бајерн остана на чело на табелата со 24 бода, но сега со само 4 бода предност пред второпласираниот Шалке.

Неделната програма изобилуваше со неизвесност и на останатите два меча. Во Хановер, истоимениот домаќин испушти предност од 2:0 во второто полувреме и остана со празни раце, откако гостинот, Борусија Менхенгладбах за 9 минути постигна три гола и си замина со бодовите. Јунак во победата на Менхенгладбах од 3:2 беше Аранго, кој постигна еден и асистираше при другите два погодока на гостите.

Штутгарт ја забележа првата победа сезонава на домашен терен. За триумфот од 2:1 над Ајнтрахт Франкфурт најзаслужни беа Гентнер и Ибишевиќ со по еден погодок во двете полувремиња. Со поразот, Ајнтрахт падна на третото место на табелата со 19 бода, додека Штутгарт се искачи на 8. позиција.

Fußball Bundesliga 9. Spieltag: Fortuna Düsseldorf - VfL Wolfsburg
Фудбалерите на Волфсбург ја слават победата над ДиселдорфФотографија: Bongarts/Getty Images

Големо враќање на Волфсбург

Фудбалерите на Волфсбург покажаа дека се уште знаат да играат фудбал, по отпуштањето на тренерот Феликс Магат во текот на минатата недела. Волфсбург нагости ја совлада Фортуна Диселдорф со 4:1. Одлична партија пружија хрватскиот и бразилскиот интернационалец Олиќ и Диего, кои постигнаа по еден и учестуваа во подготовката на другите два гола.

Првакот Борусија Дортмунд победи на гостувањето кај Фрајбург со 2:0. По серијата киксови во домашното првенство, Борусија со трите бода се искачи на четвртото место со 9 бода заостанување зад лидерот Бајерн. Стрелци на головите беа Суботиќ и Геце во второто полувреме.

Новакот во лигата Гројтер Фирт повторно не успеа да победи на домашен терен, но за утеха барем го постигна првиот гол пред своите навивачи. Дуелот со Вердер заврши со поделба на бодовите 1:1, по што Гројтер Фирт остана на дното на табелата со 6 бода.

Во Гелзенкирхен домашниот Шалке се изнамачи да го скрши отпорот на упорниот Нирнберг, но на крајот ги однесе бодовите со минимална победа од 1:0. Стрелец на единствениот гол за Шалке беше Фарфан на 15. минути пред крајот на мечот. Шалке се искачи на второто место на табелата.

Fußball Bundesliga, 9. Spieltag, FC Schalke 04 - 1. FC Nürnberg
Транкило Барнета и Џеферсон Фарфан (Шалке)Фотографија: Bongarts/Getty Image

Во Мајнц, тимот на македонскиот интернационалец Николче Новески забележа уште една убедлива победа, овојпат над Хофенхајм од 3:0. Брилјираше Унгарецот Шалаи со хет-трик. Со трите бода Мајнц се искачи на петтото место на табелата.

Во мечот со кој беше отворено 9. коло, во петокот, Хамбургер нагости го совлада Аугсбург со 2:0. Одлична партија повторно имаше младиот корејски напаѓач на гостите, Сон. Хамбургер се зацврсти во горниот дел на табелата, додека Аугсбург остана на дното, каде само подобрата гол разлика го дели од последниот Гројтер Фирт.