1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латинска Америка се позиционира против Израел

Астрид Пранге / Елизабета М. Фиданоска10 август 2014

Во Латинска Америка се зголемува критиката на сметка на војната на Израел во Појасот Газа. Многу земји од тој регион, поради колонијалното минато, го третираат Израел како непријателска окупаторска сила.

https://p.dw.com/p/1CrHe
Фотографија: MAURICIO LIMA/AFP/Getty Images

Бразил стана предводник на латиноамериканската политика насочена критички кон Израел. По повлекувањето на бразилскиот амбасадор во Израел на консултации на крајот на јули, сега и Чиле, Перу, Ел Салвадор, Еквадор и Никарагва ги повлекоа во татковината своите дипломатски претставници во Израел.

„Во Латинска Америка речиси сите земји ги следат ставовите на Бразил“, објаснува експертот по меѓународно право Салем Хикам Насер, кој предава на бразилскиот универзитет Фундасао Жетулу Варга. „Тие на војната во Појасот Газа гледаат како на национална борба за ослободување на Палестина против една колонијална окупаторска сила“, додава професорот.

Колонијалното минато на Латинска Америка е заедничкиот именител за критиката на регионот на адреса на Израел. На самитот на Меркосур-државите на крајот на јули во Каракас, претседателите на Бразил, Аргентина, Венецуела, Боливија, Уругвај и Парагвај во заедничка изјава побараа „итно да се истражат повредите на човековите права и злосторствата во Појасот Газа и да се идентификуваат одговорните“.

Апел до Советот за безбедност

По второто гаѓање на објект на ОН во Појасот Газа, за збор се јави и Аргентина. „Буенос Аирес на нападот на израелската армија врз училиштето на ОН гледа како на криминален акт, кој мора да се истражи за одговорните да се изведат пред лицето на правдата“, се вели во нота на Министерството за надворешни работи на Аргентина од 3 август.

Растечкиот критички став на Бразил кон Израел се заснова, меѓу другото, на промената на надворешнополитичкиот курс на владата на екс-претседателот Луиз Инасио Лула да Силва. За разлика од традиционално пријателски настроените бразилски влади кон Израел во минатото, Лула да Силва за време на својот мандат од 2003 до 2010 година практикуваше политичко доближување до арапскиот свет.

На 1 декември 2010 година Бразил официјално ја призна Палестина како држава. Непосредно потоа на ваков чекор се одлучија и Аргентина, Боливија, Еквадор, Чиле, Перу и Уругвај. Претходно тоа го имаа сторено само Куба, Никарагва, Парагвај, Костарика и Доминиканска Република.

„Бразил постојано сигнализираше особена поврзаност со Израел, не сакаше да ги повреди интересите на земјата“, наведува професорот Насер. „Тоа се промени во времето на претседателот Лула“. Неговата наследничка Дилма Русеф продолжува со ваквиот курс. Бразил на крајот на јули се приклучи кон резолуцијата на Советот за човекови права на ОН, која е критички настроена кон Израел, и со нота на Министерството за надворешни работи ја осуди „несразмерната употреба на сила во Појасот Газа од страна на Израел“.

Mercosur-Gipfel in Caracas, Venezuela
На самитот на Меркосур-државите во заедничка изјава e побарано „итно да се истражат повредите на човековите права и злосторствата во Појасот Газа и да се идентификуваат одговорните“Фотографија: Reuters

„Дипломатско џуџе“

Кога бразилското Министерство за надворешни работи го повика на разговор израелскиот амбасадор во Бразилија, Ерусалим не можеше да се воздржи и реагираше налутено. Портпарол на израелското Министерство за надворешни работи го нарече Бразил „дипломатско џуџе“. Бразилската дипломатија е едноставно „нерелеватна“, рече портпаролот Јигал Палмор.

Бразилскиот социолог Деметрио Мањоли од универзитетот Сао Паоло е еден од малкутемина во Бразил кој се согласува со ваквите критики. „Бразил се претвори во дипломатско џуџе кога Лула пред 11 години ја воведе својата нова надворешна политика“, објаснува за бразилските медиуми овој познат критичар на владата и надворешополитички експерт.

Поранешниот претседател Лула, како што трвди Мањоли, ја подредил дипломатијата на идеолошките интереси на бразилската Работничка партија (ПТ). „Резултатот е контроверзна надворешна политика која молчи за повредите на човековите права во Куба, Венецуела и Русија, но го критикува несразмерното употребување сила во Појасот Газа“, потенцира тој.

Оружје „made in Israel

И покрај политичкото ледено доба меѓу Израел и Јужна Америка, трговските односи се интензивни, економскиот блок Меркосур е поврзан со Израел со договор за слободна трговија. Размената на стоки се зголемува особено меѓу Бразил и Израел. Според наводи на бразилското Министерство за трговија, извозот во Израел од 2003 до 2013 година се зголемил од 187 милиони американски долари на 454 милиони долари годишно.

Увозот од Израел, во истиот период, пораснал од 318 милиони долари на 1,1 милијарда долари. Додека Бразил во Израел извезува пред се‘ прехранбени намирници, од Израел се купува воена опрема, како хеликоптери и други летала.

Според Салем Насер, Израел во Латинска Америка ја загубил битката за да го привлече јавното мислење на своја страна. „Време е Бразил да настапи малку поостро, иако еврејската заедница во земјата е добро организирана“, оценува тој. „Бразил е се‘ друго само не дипломатско џуџе“.