Лажат и на српската и на хрватската страна
6 август 2016Дојче веле: Во Кин свечено се одбележува годишнината од „Бура“, очекувани се повици „За дом спремни“ и позната иконографија. Дали е ова споредна појава?
Жарко Пуховски: Стана традиција „Бура“ да се интерпретира во радикалниот националистички клуч како „конечна победа над Србите“, што е факт, но проблемот е што на хрватската страна никој не е подготвен да каже нешто за жртвите на другата страна.
На српската страна лажат кога наведуваат бројки од 1.200 убиени и 250.000 протерани, што е двојно повеќе од реалното. На хрватска страна лажат дека немало протерување и дека Србите си отишле доброволно зашто не ја сакаат Хрватска, дека имало само неколку мртви, зашто тогаш наводно српски војници се движеле како цивили. Значи, секое лето има материјал за српско-хрватски и хрватско-српски конфликти. За Хрватска е битно да не постои политичка сила која во Книн и на друго место би организирала свеченост во цивилен, а не во воен смисол и без еуфорија. Можеби е релативно рано, но по четвртина век по војната би требало да биде можно да се проговори порационално за се, иако и во другите земји во Европа гледаме едностран однос кон сопствената историја, разубавување во однос на стварноста. Ние секогаш сме жртви. Последниот пример е процесот во Минхен, каде западногерманската тајна служба беше претставена во херојска светлина, а заборавено беше дека соработувала со Тито. 30 години по настанот, тоа е обид за историски ревизионизам. А потоа доаѓаат некои од Германија и велат - сите во Хрватска се ревизионисти.
Дојче веле: Во Хрватска речиси секојдневно можат да се видат усташки симболи. Значи ли тоа дека во Хрватска доминира симпатија кон усташкиот фашизам?
Жарко Пуховски: Не, тоа не е случај. Во принцип, и во другите европски градови има три, четири или пет проценти население или избирачи кои заговараат радикална опција, попрецизно, ја бранат агресивно, но проблемот е што во Хрватска тоа се толерира многу повеликодушно отколку во државите со поразвиена политичка култура.
Дојче веле: Колкава е денешната сила на ревизионизмот и ревизионистите во Хрватска?
Жарко Пуховски: Тие имаат доста заговорници меѓу интелектуалците, но сепак мнозинството е меѓу универзитетските професори и јавните личности. Имаат поддршка меѓу радикалната младина. Но, на изборите на 11 септември ќе се покаже дека радикалните десничарски партии можат да добијат меѓу 1,2 и 2,5 проценти гласови. Никако повеќе.
Дојче веле: Кога човек доаѓа во Хрватска отстрана, се стекнува бзро впечаток дека се помешале криптофашизам, усташка носталгија, патриотизам, национална гордост и национализам, многу работи. Во Загреб по многу фасади е испишано „У“, луѓето кои живеат во зградите не бираат екстремни партии, но воглавно не ги ни бришат тие симболи.
Жарко Пуховски: Генерацијата на моите родители, стари комунисти, имаше изрека дека проблемот не се усташите, кои се малцинство, туку домобраните, регуларните трупи на т.н. Независна Држава Хрватска. Тоа беше малограѓанското мнозинство. Тоа малограѓанско мнозинство ги толерира екстремистичките десничари и националисти. Тие велат: „Малку претеруваат, но тие се нашите момчиња, наши деца“. Ако немаат симпатии, тогаш имаат неутрална позиција, апсолутно не се спремни да кажат нешто проти екстремизмот, а камоли да се борат против него. И тоа е вид нормалност. Во секој случај во еден дел од Хрватска. Во друг дел, како на пример Ријека, Истра, такво нешто не се гледа никако. Но, таму постоеше поинаква историска ситуација. Таму каде се гледаат усташки симболи, луѓето велат - не е толку важно, не е страшно, и одминуваат. Многу поголем проблем се луѓето кои го толерираат екстремизмот, и со тоа го нормализираат малцинството кое е екстремно и спроведува такви акции.
Дојче веле: Екстремната десница нема успех на изборите и така изгледа и ќе остане. Но, што значи опишаниот „секојденев фашизам“ за земјата, посебно за малцинствата како Србите или Евреите?
Жарко Пуховски: Проблем е што екстремните десничари, предводени од Карамарковото ХДЗ во суштина победија на минатите избори во ноември 2015 година. Беа еднакво силни колку и социјалдемократската коалиција. Така, сега таквите тенденции доаѓаат од меинстримот. Друга работа е што хрватските националисти секогаш ги сфаќаат усташите како своја радикална резерва. Како што веќе реков, тие одат предалеку, но одат всушност во ист правец, имаат исти непријатели. Тоа сигурно не е проблем само за малубројните Евреи и српското малцинство, туку и за мнозинството луѓе во Хрватска, најчесто тоа се етнички Хрвати кои сакаат нормално да живеат. Без тоталитарни барања на политичарите и движења кои веруваат дека се во позиција на, како што велат, „совест на хрватскиот народ“. Тие мислат дека можат да контролираат каква музика би требало луѓето да слушаат во слободно време. Имаше обиди за бојкот или дури и прекин на настапи на српски пејачи во некои хрватски региони. Тие мислат дека некои работи не се прикладни за хрватското битие. Тоа е опасно. Нормалните Хрвати во иднина често ќе се соочуваат со тоа.
Дојче веле: Тоа значи дека Хрватска, како и на минатите избори, е поделена на половина која практикува некој вид национализам, од умерен до радикален, и друга половина која тоа не го сака. Може ли да се премости тој јаз?
Жарко Пуховски: Се надевам дека може да се премости. Општествата живеат од конфликти и низ конфликти. Без конфронтација не постои општество, туку само тоталитарна творба. Нашата шанса е во поделеното општество. Но, проблем е што таа поделеност се симболизира и се претставува ирационално. Не не и е потребна тоталитарна амбиција да ги избришеме разликите. Потребен ни е обид да живееме со тие разлики и да ги култивираме за да не водат кон насилство, и второ, да ги аргументираме пред јавноста. Тогаш ќе имаме помалку или повеќе нормална политичка заедница.