Кукасти крстови во детски градинки
6 април 2014Градинка во покраината Хесен. Тукашните воспитувачки за првпат се среќаваат со дете кое одвај научило да зборува, а веќе како на лента исфрла нацистички пароли. Додека другите деца цртаат сонце и месечина, ова дете црта кукаст крст. За време на ужината не сака да седи покрај деца со турско потекло. „На интернет погледнавме што работат родителите на детето и видовме во која партија се, дека се радикални десничари“, вели директорката на оваа градинка за Втората програма на германската телевизија (ЗДФ). Ликот ѝ е заматен, а гласот е позајмен од една новинарка. Оваа жена сака да се заштити себе си и своето семејство. „Десничарите се подготвени на сѐ, тоа ме плаши. Но, сакам јавноста да дознае дека постои ваков проблем и дека тоа не е поединечен случај“.
Расистички детски книги
Како да се однесуваш кон деца чии родители дома ги подучуваат дека треба да ги мразат другите и поинаквите? Во Берлин постојат три места кои нудат семинари на кои воспитувачите можат да чујат некои решенија. „Воспитувачите во градинките честопати доаѓаат до заклучок - не можам да ги превоспитам родителите, не се занимавам со перење мозок, па тоа е само поинакво мислење,“ вели Ева Прауцнер, социјален работник која им помага на воспитувачите во една работилница. „На тоа му се спротивставуваме. Националсоцијализмот не е едноставно некакво мислење кое смее да се изрази. Во најмала рака, нему одлучно треба да му се противречи“, дополнува Прауцнер.
Националдемократската партија на Германија, која ги собира екстремните десничари, во последно време многу успешно се претставува како чувар на семејството. Жената и детето имаат место во нивниот систем. На пропагандните собири честопати се поставува и замок на дување, во кој децата радосно скокаат. Една од задачите на сопругите и на мајките е и да влезат во светот на родителите во градинките, за да агитираат таму. „Најпрво се обидуваат да изградат односи на доверба со воспитувачите“, раскажува Хајке Радван, која во фондацијата „Амадеу Антонио“ го проучува воспитувањето на децата. „Потоа ја туркаат својата идеологија. На пример, донесуваат детски книги кои, ако малку подобро се погледа, шират расистички и антисемитистички ставови“.
Дали растат нови генерации нацисти?
Како што пишуваше неделникот „Цајт“, новата генерација неонацисти, кои во меѓувреме се на возраст да станат родители, ги воспитуваат своите дека како да се во триесетите години на минатиот век, а Хитлер како да е на врв на моќта. На децата им се даваат старогермански имиња - Арвин, Фреја, Торе, Хилдегунд. Пицата ја нарекуваат торта од зеленчук, а Божикот - Јулфест. Весникот пишува дека родителите никогаш не ги носат своите деца на лекар, бидејќи тие мораат да бидат цврсти и способни самите да ја пребродат настинката или грипот. Девојчињата треба да научат да го штитат својот дом. Институциите се одбиваат. „Дали со тоа настанува нова генерација десни екстремисти? Генерација за која омразата кон странците и фанатизмот ќе биде нормална појава?“, се прашува авторот на текстот.
Ева Прауцнер верува дека тоа може да се спречи. За да ѝ се спротивстави на дискриминацијата од мали нозе, потребно е воспитувачките да имаат свој став. „Реакцијата мора да дојде штом детето во градинката првпат каже некоја дискриминирачка парола или фраза. Тогаш мора да се интервенира“, смета Прауцер.
Во градинката во Хесен, од почетокот на текстот, проблемот првпат го увиделе пред три години. Оттогаш целиот персонал во градинката успеа да развие колективен став - нулта толеранција за дискриминација на другиот и поинаквиот.