1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалот на Крим

Ојген Тајзе / З. Јордановски2 април 2015

Анексијата на Крим од страна на Русија има тешки последици - не само политички, туку таа претставува катастрофа и за многумина љубители на фудбалот. УЕФА сега се обидува да најде решение.

https://p.dw.com/p/1F1fG
По анкесијата на Крим на стадионите речиси нема гледачи: Натпреварот за Купот меѓу Севастопол и Симферопол привлече одвај стотина гледачиФотографија: picture-alliance/dpa/E. Biyatov

Игор од Симферопол, најголемиот град на полуостровот Крим, раскажува дека 30 години бил навивач на „Тавриа“. Имал само десет години, кога за првпат со татко му отишол на стадион - оттогаш ретко пропуштал некој натпревар. Тој со задоволство се сеќава на големите моменти на неговиот клуб, како во 1991 година, кога „Тавриа“ била прв шампион на независна Украина, зборува за атмосферата на стадионот кога клубот играл на европска сцена. А потоа, во март 2014, се случи незамисливото: неговиот клуб едноставно престана да постои.

Кога дојдоа војниците, си отидоа фудбалерите

Кога на Крим се појавија првите вооружени лица во зелени униформи без ознаки и ги запоседнаа објектите на органите на власта, некои од ѕвездите на „Тавриа“ веднаш си ги спакуваа работите. „Се плашам“, изјави тогаш Густав Свенсон за шведскиот весник „Афтонбладет“. Кога стана јасно дека Русија го анектира Крим, се’ повеќе играчи од странство и од Украина го напуштаа клубот.

„Многумина од нас го поддржуваа движењето Мајдан. Одевме со украински и со знамиња на ЕУ на улиците. Кога дојдоа Русите, добив закани. Неколкумина мои познаници беа грабнати и оттогаш не знаеме каде се“, вели Олег Комуниар, навивач на „Тавриа“, кој по анексијата на Крим живее во Киев.

Игор остана, но и тој се плаши и моли да не му се објавува фотографија. И најмало сомневање во тоа, дали анексијата била добра за Крим, може да му предизвика проблеми на работа или со озлогласените помошници на полицијата од организацијата „Самоодбрана“, вели Игор.

Нов клуб со нови играчи

Во Симферопол не остана ниеден професионален фудбалер, оти според правилата на ФИФА професионалците можат да играат само со украински книшки и само во украинското првенство. Но, новото проруско раководство на Крим сакаше безусловно полуостровот и фудбалски брзо да го припои кон Русија. Така клубот од Симферопол веќе во август 2014 стартуваше во третата руска лига, во регионот Југ.

Tawrija Simferopol gegen Bayer Leverkusen
Лаки Идахор постигна гол за „Тавриа“ на натпреварот против Леверкузен во август 2010 годинаФотографија: picture alliance/dpa

За само неколку месеци дваесетина фудбалери од сите делови на Русија беа испратени на Крим и беше најден руски спонзор - сето веројатно со политичка поддршка од Москва. Украинското минато на „Тавриа“ беше избришано, а се роди „ТСК“. На интернет-страницата на клубот нема никави податоци за годините во првенството на Украина, ниту за титулата од 1991.

УЕФА се противи

Но, веќе наскоро настапи отрезнување кај фудбалските функционери во Москва и Симферопол: по приговор од Фудбалскиот сојуз на Укарина, УЕФА им забрани на клубовите од Крим да играат во руска лига. За раководството на „ТСК“ и новата влада на Крим тоа беше горко разочарување. Во меѓународниот фудбал не може некој регион едноставно да биде анектиран од друга земја.

На почетокот беше целосно нејасно како понатаму ќе одат работите со фудбалот на Крим. Конечно, кон средината на март Извршниот комитет на УЕФА одобри едно компромисно решение: Крим да добие сопствена лига. Кон крајот на овој месец делегација на УЕФА треба да го посети Крим за да утврди каква инфраструктура воопшто има таму. Планирано е лигата да стартува со осум тимови. Но, на Крим во моментов има само шест клубови кои имаат стадион со колку-толку зачувани трибини за гледачи и со осветление.

Александар Гајдаш, генерален директор на „ТСК“, сака лигата на Крим да стартува веќе во август годинава, иако на клубовите им недостасуваат професионални фудбалери. „За осум екипи ни требаат најмалку 160 професионални фудбалери. На целиот Крим, меѓутоа, во моментов има максимално 50 фудбалери на тоа ниво“, вели Гајдаш во разговор за ДВ.

Има многу отворени прашања

И натаму е нејасно дали во новата лига ќе смеат да играат само играчи од Крим, или и од Русија и Украина. Овде тешко дека ќе можат да си дозволат да ангажираат странци: можните спонзори досега не покажаа никакво интересирање за лигата на Крим. Гајдаш се надева дека УЕФА ќе ги преземе сите трошоци. „И да добиеме само 100 евра за целата лига, рамномерно ќе ги поделиме и секој клуб би имал по 12,5 евра“, вели Гајдаш - не без иронија.

Fans des Fussballklubs "Tavria"
Мнозинството од „Фан-клубот“ на „Тавриа“ сакаа тимот да остане во украинското првенствоФотографија: Oleg Komunyar

Но, УЕФА се колеба да даде цврсти ветувања. Вообичаено таа дава поддршка за младински фудбал. Отворено е и прашањето дали клубовите од Крим кога и да е ќе можат повторно да играат на меѓународна сцена. „Се разбира дека тоа прашање им го поставуваме на колегите од УЕФА. Не смее нас овде да не затворат во кафез“, вели Гајдаш.

Ќе дојдат ли гледачи?

Меѓународни настапи од сегашна перспектива се далечна иднина. Гајдаш прво ќе мора да се обиде да ги придобие луѓето во Симферопол за својот тим. На регионалните куп-натпревари сега доаѓаат одвај нешто повеќе од стотина гледачи. За да го направи малку поподнослив за навивачите прекинот на традицијата, клубот во меѓувреме повторно се вика „Тавриа“, само веќе не ФК, туку СК „Тавриа“. „Тоа сепак веќе не е мојот клуб и јас не одам на стадион“, вели некогашниот навивач Игор.

Но, тој и покрај тоа смета дека е добро што се основа лига во актуелните околности. Така млади домашни играчи барем имаат шанса да започнат професионална кариера. Игор верува дека лигата на Крим во помалите градови ќе привлече и гледачи на стадионите, оти таму досега воопшто немало професионален фудбал. Но, во Симферопол, според него, стадионот уште долго ќе биде празен, оти гледачите биле разгалени со квалитетен фудбал гледајќи екипи како Динамо Киев или Шахтјор Доњецк.