1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна дипломатија и вонредни средби за Крим

ЖА/ард/дпа/афп/ртра15 март 2014

Советот за безбедност на ОН денеска (15.03) треба да гласа за резолуција во врска со конфликтот меѓу Русија и Украина на итно свикана седница. Генералниот секретар Бан Ки Мун повика на воздржаност во конфликтот.

https://p.dw.com/p/1BQEm
Фотографија: reuters

На вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк ќе се гласа за резолуција, предложена од САД, која од меѓународната заедница бара да не биде признат резултатот на референдумот за припојување на Крим кон Русија, кој ќе се одржи утре. Се смета за сигурно дека Русија ќе вложи вето на резолуцијата, со што таа би пропаднала.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун денеска, непосредно пред референдумот на Крим, ги повика сите страни да се воздржат од провокации и избрзани одлуки.

Бан истакна дека ситуацијата во Украина ја доведе меѓународната заедница до крстопат и предупреди дека постои опасност случувањата да ескалираат до загрижувачко ниво. Повикувајќи ги сите страни да се воздржат од провокации и избрзани чекори во следните денови, Бан нагласи дека патот за мирно решение на ситуацијата се‘ уште е отворен.

Обврски за колективна одбрана

Поради кризата околу Украина и Крим, американскиот потпретседател Џо Бајден идната недела ќе патува во Полска и во Литванија. Како што соопшти Белата куќа, Бајден со сојузниците ќе дискутира за ситуацијата во регионот. Тој ќе се советува и за чекорите за поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет. При својата посета заменикот на Барак Обама ќе укаже и на колективната одбранбена обврска на НАТО и неговата поддршка за сојузниците и партнерите во Европа.

Советот на Европа против Русија

По тридневна дебата, Советот на Европа синоќа со големо мнозинство се изјасни за задржување на целовитоста на украинската држава и со тоа се изјасни против однесувањето на Русија. Само Русија гласала против текстот, Ерменија и Србија биле воздржани. Во т.н. Венецијанска комисија на Советот на Европа претходно беше поднесена правна анализа која планираниот референдум на Крим го оценува како противзаконски и недемократски. Во Комисијата на Советот на Европа за човекови права беше побарана меѓународна истрага за убиствата во Украина, како и формирање вонредна комисија за проверка на правата на национаните малцинства.

Кери и Лавров не се разбраа

Во пресрет на референдумот на Крим, вчера во Лондон разговараа американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и неговиот руски колега, Сергеј Лавров, но без никаков успех. САД и меѓународната заедница нема да ги признаат резултатите од референдумот на Крим, изјави американскиот државен секретар Џон Кери по средбата со Лавров. Според него, Путин не е подготвен да преземе одлука за Крим додека не заврши гласањето на референдумот закажан за утре. Од своја страна, Лавров истакна дека треба да се почекаат резултатите од референдумот за Крим.

„Како што изјави претседателот на Русија, ние ќе го почитуваме ставот на народот на Крим и ќе го изразиме својот став откако ќе бидат познати резултатите. Бесмислено е да се шпекулира пред да се видат резултатите. Никој не го одзел досега правото на народите за самоопределување. Тоа е запишано во Повелбата на ОН“, нагласи тој.

Разговорите меѓу Лавртов и Кери траеја повеќе од пет часа и беа фокусирани на ситуацијата во Украина.

Ако Русија го анектира Крим, САД и ЕУ на владата во Москва и‘ се заканија со политички и економски санкции.