1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза во СПД

6 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeHd
Денешната оставка на Герхард Шредер на функцијата претседател на владеачката Социјалдемократска партија не доаѓа сосема изненадувачки. Неделава зад нас донесе засилена критика од партиските редови, на крајот дури од шефот на покраинската организација за Хановер, од која потекнува и Шредер. Канцеларот имено се наоѓа притиснат меѓу реформаторите, кои бараат продолжување на стопанските реформи иако се толку болни и оние сили во СПД на кои и до сега спроведените реформи им се премногу.

Весникот "Рајнише пост" што излегува во Дизелдорф за кризата во СПД коментира:

"Народот е лут и во анкетите и' дава на социјал- демократската партија само 25% гласови. Во редовите на партијата расте паничното расположение и сега сопартијците на Шредер масовно излегуваат од дупките и упатуваат јасни критики, барајќи консеквентност во излегувањето пресрет на претпријатијата за да продолжи стопанското опоравување, барајќи промени во владиниот кабинет итн. Всушност, клучот е веќе поодамна токму Шредер. Рибата смрди од главата, вели народот. А тој се наоѓа во тешка дилема: ако не продолжи со реформите, ќе настрада опоравувањето на стопанството. Ако продолжи, ќе се соочи со големи отпори во партијата. Во обата случаи бирачите ќе го истераат од канцеларската функција" - оценува "Рајнише пост".

"Берлинер цајтунг" за кризата во СПД вели:

"Бирајте не' нас - вели СПД - вие мали луѓе, бидејќи тоа е во ваш интерес. Доколку на власт дојде опозиционата Унија, тогаш реформската политика ќе биде уште побрутална. Овој аргумент е за одбележување, бидејќи зад него се крие чист очај. Кој воопшто сака да бира партија, која се профилира како помало зло? Згора на тоа, СПД се наоѓа пред бездна. Реформскиот цик-цак курс на Шредер му создаде непријатели истовремено во две групи приврзеници. Првата се врти против СПД, бидејќи не сака да чуе ништо за реформите, дури и ако одат поспоро. А на втората процесот и оди преспоро, но од нивна страна би било поконсеквентно да минат кај партиите на опозицијата."

"Ноје Оснабрикер цајтунг" се навраќа на грутката што најверојатно ја турна големата лавина, па вели:

"Кога никој друг, туку шефот на покраинската организација на СПД за Хановер, од која потекнува канцеларот, вака остро ги критикува своите сопартијци во Берлин, тогаш опозицијата може слободно да се опушти. Нивната задача да ја критикуваат власта ја вршат Волфганг Јитнер и други политичари на СПД. Но, главниот проблем не е во нетактичните изјави на Јитнер, туку во подлабоките причини и расположенија во партијата: несигурноста околу концептот на реформи, недоволната доверба во компетентноста на одделни министри, фрустрацијата кај избирачите верни на партијата и со тоа стравот на водечките политичари за нивните функции" - оценува "Ноје Оснабрикер цајтунг".

"Никој не знае како понатаму" - проценува "Ноје пресе", што излегува токму во Хановер, па продолжува:

"Оној кој сериозно ќе се вклучи во персоналната дебата во СПД, наскоро ќе дојде до прашањето: па кого воопшто уште можат да го понудат социјалдемократите? Оној кој ќе го истакне мотото дека на земјата и' требаат нови глави, тој наскоро ќе мора да ги чуе имињата, кои нема многу да му бидат драги: Ангела Меркел, Фридрих Мерц, Кристијан Вулф, па дури и Едмунд Штојбер - сите водечки фигури на опозицијата" - заклучува "Ноје пресе" од Хановер.

Со натамошната политичка судбина на Шредер лично, без пардон се занимава весникот "Билд" и тоа на следниот начин:

"Во петте и пол години на канцеларската функција, Шредер беше во нок-даун толку пати и секогаш од ново успеваше да стане. Но, еднаш доаѓа и ударот, што ги урива и најхрабрите борци. Кризата во која се најдоа Шредер и неговата СПД неделава, и тоа без каква и да е најава, може да биде почетокот на крајот за Шредер, што ќе биде само запечатен на изборите во 2.006-та. Токму во мигот кога тој требаше да ги жнее плодовите од мачно спроведените реформи - сите го оставија на цедило: партијата, неспособните министри и конечно неговиот политички инстинкт. Шредер не знае каде е излезот од кризата. Ако погледнеме на назад, тој незаслужено победи на изборите во 2.002-та, бидејќи не ги осозна проблемите на земјата, туку дури се обиде да ги заташка. Во 2.006-та веројатно ќе загуби на изборите, иако конечно се осмели да ги спроведе неопходните реформи. Станува ли збор за задоцнето порамнување на сметките?" - се прашува "Билд" на крајот од коментарот за кризата во СПД.